Со уметничка изложба на дваесетина експонати организирана во Центарот за култура „Иљо Антевски-Смок“ во Тетово, денеска (15 јуни) беше финализиран превентивно-едукативниот проект „Стоп на говорот на омраза“, кој трета година по ред го спроведува Отсекот за превенција на Секторот за внатрешни работи Тетово, во соработка со ОБСЕ и тетовската и гостиварската локална самоуправа.
Со овој проект вкупно беа опфатени околу 3000 ученици во прва година од тетовските и гостиварските училишта, кои следат настава на македонски, албански и турски јазик. На посебни часови учениците поблиску беа запознати со тоа што претставува говорот на омраза, како да го препознаат и превенираат, но и со неговите негативни психо-социјални и општествени импликации. Покрај ова, на учениците им беше објаснета суштинската разлика помеѓу говор на омраза и слобода на изразување, а посебно им беше советувано, секогаш да ги почитуваат различностите, етнички, расни, верски, полови и други, без предрасуди и стигма и наместо како хендикеп, да ги доживуваат како вредности, да ги негуваат и пошироко да ги афирмираат во семејствата, меѓу другарите во училиштата, во заедницата. Ова, пред сè преку пласирање нивни текстови и пораки на социјалните мрежи, како и преку непосреден дијалог во училиште, на улица, во кафулиња и на други места.
На авторите на дваесетината изложени експонати и на нивните ментори денеска во Тетово им беа доделени пригодни сертификати и награди. Ваква изложба деновиве планирана е и во Гостивар.