Во рамките на планираните активности поврзани со почетокот на учебната година, денеска во Тетово, беше организирана средба на претставници на СВР Тетово, тетовската локална самоуправа, како и педагозите и психолозите од тетовските средни и основни училишта.
На средбата, чиј носител беше Отсекот за превенција, претставниците на училиштата беа информирани за тековните и идните активности од областа на превенцијата на тема „Јавниот ред и мир во училиштата и околу нив, дрогата и малолетничката деликвенција“.
На средбата се разговараше за содржината и целта на превентивно-едукативните проекти, кои наскоро ќе започнат во училиштата, а во кои тие заеднички ќе партиципираат со полицијата.
На претставниците од училиштата, исто така, им беа претставени и најефикасните практични форми и начини на меѓусебна соработка, посебно во препознавањето и навременото известување за евентуалните проблеми од безбедносни природа и карактер во и околу објектите.