Постапки за стекнување државјанство на РМ

ДРЖАВЈАНСТВО е правна врска меѓу Вас и државата и не го означува Вашето етничко потекло

Согласно Уставот, државјанството на Република Македонија (РМ) е уредено со закон и не може да се одземе. Законот со кој се уредува државјанството е Законот за државјанството од 1992 година изменет и дополнет со Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството од 2004 година.

КАКО ДА СТАНАМ ДРЖАВЈАНИН НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА?
    * Со потекло, односно, ако сте родени од родител/родители кој/кои е/се државјанин/државјани на Република Македонија
    * Во исклучителни околности, со раѓање во  Република  Македонија
    * Со природување 

СО ПОТЕКЛО ИЛИ СО РАЃАЊЕ
ШТО Е ДРЖАВЈАНСТВО СО ПОТЕКЛО ?

По раѓањето, Вашето дете стекнува држав­јанство на РМ, доколку барем еден од Вас родителите е државјанин на РМ.

Односно, Вашето дете стекнува  државјанство на РМ со потекло кога ќе бидат исполнети следниве услови:
    * Ако и двајцата сте државјани на РМ, вашето дете стекнува држав­јанство на РМ независно од тоа каде е родено.
    * Ако еден од вас е државјанин на РМ и ако вашето дете е родено во РМ, тогаш Вашиот брачен другар мора да се согласи со тоа вашето дете да стекне државјанство на РМ.
    * Доколку вашето дете се роди во странство, а само еден од вас е државјанин на РМ, тогаш вашето дете ќе стекне државјанство на РМ, доколку:
       
          - Поднесете барање за запишување на Вашето дете во книгата на државјани, пред тоа да наполни 18 години; или
          - Вашето дете се враќа да живее во РМ со Вас, пред да наполни 18 години; или
          - Вашето дете со наполнети 18 до навршени 23 години возраст поднесе барање за запишување во книгата на државјани.

Забележете дека, доколку другиот родител е непознат или со непознато државјанство, Вашето дете ќе стекне држав­јанство на РМ со потекло, независно од тоа каде е родено!

КОИ ДОКУМЕНТИ ТРЕБА ДА ГИ ПОДНЕСАМ ДО ПОДРАЧНАТА ЕДИНИЦА НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ?
Заедно со барањето (формуларот) треба да ги  поднесете следниве документи:
    * извод од матичната книга на родените на детето;
    * доказ за државјанство на РМ на родителите;
    * доколку детето е малолетно, согласност од родителот  кој не е државјанин на РМ;
    * лична карта на родителот или старателот;
    * регулирано полномошно, доколку барањето се поднесува од овластено лице.

Забележете дека формуларот за запишување и формуларот за согласност се издаваат бесплатно во подрачната единица на Министерството за внатрешни работи.

ШТО ТРЕБА ДА НАПРАВАМ АКО МОЕТО ДЕТЕ Е РОДЕНО ВО СТРАНСТВО?
Треба да поднесете барање за запишување во книгата на родени и регистарот на државјани во матичната служба во местото на живеење на родителот кој е државјанин на РМ.  Ако сте во странство, раѓањето треба да го пријавите во најблиската  амбасада или во најблискиот конзулат на РМ.

ШТО АКО ПОСВОЈАМ ДЕТЕ?
Вашето целосно посвоено дете, исто така, ќе се стекне со државјанство на РМ со ПОТЕКЛО, доколку двајцата или еден од вас родителите е државјанин на РМ.

ДАЛИ СЕКОЕ ДЕТЕ РОДЕНО ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА СЕ СТЕКНУВА СО ДРЖАВЈАНСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ?
Не, само оние деца на кои најмалку еден од родителите им е државјанин на РМ. Меѓутоа, ако детето е најдено или родено во РМ и ако родителите се непознати, или се со непознато државјанство или се без државјанство тогаш тоа дете стекнува државјанство на РМ.  Државјанството на детето во ваков случај ќе му престане ако до наполнети 15 години живот се утврди дека родителите му се странски државјани и доколку детето со тоа нема да остане без државјанство.

ПРИРОДУВАЊЕ
ШТО ЗНАЧИ ПРИРОДУВАЊЕ?
Ако како возрасен доброволно се стекнете со државјанството на државата во која престојувате,  откако сте ги исполниле условите од законот на таа држава тогаш сте стекнале државјанство со природување. Во РМ, природувањето може да биде пред се  врз основа на годините на законски престој или на брак со државјанин на РМ. Ако стекнете државјанство на РМ со природување, Вашите малолетни деца, исто така, ќе го добијат истото државјанство, но запомнете дека податоците за нив треба да ги вклучите во вашето барање за прием во државјанство на РМ.  Подолу во оваа брошура ви се објаснети неколку различни начини на стекнување државјанство на РМ со природување.

КАКО ДА ПОДНЕСАМ БАРАЊЕ?

ТРЕБА ЛИЧНО ДА ПОДНЕСЕТЕ ПОПОЛНЕТ ФОРМУЛАР – БАРАЊЕ (се дава бесплатно во секоја подрачна единица на Министерството за внатрешни работи) во подрачната единица на МИНИС­ТЕРСТВОТО ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ којашто се наоѓа во вашето место на живеење.  Запомнете дека треба со вас да ги носите и ПОТРЕБНИТЕ ДОКУМЕНТИ.  НЕ ЗАБОРАВАЈТЕ ДА ГИ ВКЛУЧИТЕ И МАЛОЛЕТНИТЕ ДЕЦА ВО ВАШЕТО БАРАЊЕ ЗА ПРИЕМ ВО ДРЖАВЈАН­СТВОТО НА РМ.

ДАЛИ ТРЕБА ДА ПЛАТАМ ТАКСА ?

Да, треба да платите административна такса од 100 евра. Пред да го поднесете барањето треба да уплатите 20 евра  и потврдата од пошта/банка дека сте ги уплатиле треба да ја приложите заедно со барањето. Останатите 80 евра треба да ги уплатите ако добиете државјанство на РМ пред да си го подигнете решението во подрачната единица на Министерството за внатрешни работи. И за тоа треба да доставите потврда од пошта/банка.  

КАКО ДА УПЛАТАМ?
Уплаќате во денарска противредност на даночна уплатница со назнака за Републички буџет на РМ на жиро-сметка чиј број ќе Ви го кажат во поштата/банката каде уплаќате.

ВАЖНО!
МОЖЕ ДА ПОБАРАТЕ ОД МИНИС­ТЕРСТВОТО ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ ДА БИДЕТЕ ОСЛОБОДЕНИ ОД ПЛАЌАЊЕ НА АДМИНИСТРАТИВНАТА ТАКСА, АКО ЕДИНСТВЕН ИЗВОР НА СРЕДСТВА ВО ВАШЕТО ДОМАЌИНСТВО Е ПОСТО­ЈАНАТА ПАРИЧНА ПОМОШ ИЛИ СОЦИЈАЛНАТА  ПАРИЧНА ПОМОШ  ШТО ВИ ЈА ДАВА ДРЖАВАТА .



КАКО МОЖАМ ДА ДОБИЈАМ ДРЖАВЈАНСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА АКО СУМ СТРАНЕЦ И ЖИВЕАМ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА НАЈМАЛКУ 8 ГОДИНИ ?

Треба да ги исполните сите овие услови :
   1. Да имате наполнето 18 години ;
   2. Да живеете во РМ законски и постојано  најмалку 8 години ;
   3. Да имате обезбедено стан ;
   4. Да имате обезбедено постојан извор на средства за егзистенција во висина која овозможува материјална и социјална сигурност под услови утврдени со закон ;
   5. Во РМ и во државата чие државјанство го имате да не сте казнувани со казна затвор во траење од најмалку една година, за дела за кои се гони по службена должност и кои се казниви според прописите во РМ ;
   6. Во РМ и во државата чие државјанство го имате, против вас да не се води кривична постапка ;
   7. Да го владеете македонскиот јазик до тој степен да може лесно да се разберете со околината ;
   8. Да не ви е изречена мерка забрана за престој во РМ ;
   9. Вашиот прием во државјанство на РМ да не ја загрозува безбедноста и одбраната на РМ ; 

Ако ги исполните сите услови од број еден до број 9 ќе треба исто така да имате отпуст од досегашното државјанство или да докажете дека ќе го добиете ако бидете примени во државјанството на РМ.

ВАЖНО: Пред да побарате отпуст од  досегашното државјанство или пред да докажете дека ќе добиете отпуст од другото државјанство ако бидете примени во државјанството на РМ, Министерството за внатрешни работи ќе Ви издаде гаранција дека ќе бидете примени во државјанството на РМ.

И накрај, ако ги исполните сите горенаведени услови, и бидете примени во државјанство на РМ, ќе треба да потпишете заклетва дека ќе бидете лојален граѓанин на РМ.

КОИ ДОКУМЕНТИ МИ СЕ ПОТРЕБНИ?
    * Кратка биографија.
    * ДОКУМЕНТ ЗА ИДЕНТИФИКАЦИЈА (како на пример: лична карта за странец или патна исправа издадена од државата чиј државјанин сте. ). Овој документ ќе треба само да го покажете кога ќе поднесувате барање.
    * ИЗВОД ОД МАТИЧНАТА КНИГА НА РОДЕНИТЕ (ако е странски, да биде издаден на интернационален образец или преведен од овластен судски преведувач).  Овој документ треба задолжително да го поднесете.   
    * ИЗВОД ОД МАТИЧНАТА КНИГА НА ВЕНЧАНИТЕ (ако е странски да биде издаден на интернационален образец или преведен од овластен судски преведувач). Овој документ треба да го поднесете само ако го имате.
    * ДОКАЗ ДЕКА ВАШЕТО СЕМЕЈСТВО ИМА ОБЕЗБЕДЕН СТАН :

         - договор за купопродажба; или
         - договор за закуп;  или
         - поседовен  (имотен) лист; или
         - решение за даночен обврзник (нелегални градби) и др.

    * ДОКАЗ  ДЕКА ВАШЕТО СЕМЕЈСТВО ИМА ПОСТОЈАН ИЗВОР НА СРЕД­СТВА:

         - потврда за работен однос ; или
         - потврда за друг извор на приходи.

            ЗАПОМНЕТЕ : во потврдата треба да пишува  колку пари заработува вашето семејство. 

    * УВЕРЕНИЕ ДЕКА НЕ СЕ ВОДИ КРИВИЧНА ПОСТАПКА ПРОТИВ ВАС ВО РМ (издадено од Основниот суд во вашето место на живеење).
    * УВЕРЕНИЕ ДЕКА НЕ СЕ ВОДИ КРИВИЧНА ПОСТАПКА ПРОТИВ ВАС ВО ЗЕМЈАТА ЧИЕ ДРЖАВЈАН­СТВО ГО ИМАТЕ
    * УВЕРЕНИЕ ОД КАЗНЕНА ЕВИ­ДЕНЦИЈА ОД ДРЖАВАТА ЧИЕ ДРЖАВЈАНСТВО ГО ИМАТЕ
    * ПРАШАЛНИК ЗА ПРОВЕРКА НА УСЛОВОТ  ЗА ПОЗНАВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК.  Ако сте завршиле каков било облик на образование на македонски јазик, или пак во текот на образованието сте имале предмет македонски јазик за кој сте имале  преодна оценка, заедно со прашалникот приложете го свидетелството/уверението со кое тоа се потврдува. 

ШТО АКО СУМ ВО БРАК СО ДРЖАВЈАНИН НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ?
   1. Ако сте венчани пред матичар со државјанин на РМ најмалку три години а во РМ престојувате законски и непрекинато најмалку една година до поднесување на барањето може да добиете државјанство на РМ ако: 

·         ги исполните сите услови погоре кои треба да ги исполни секој странец, освен условите 2, 7 и 10, односно не треба да сте живееле постојано во РМ најмалку 8 години, не мора да го зборувате македонскиот јазик и не мора да имате отпуст од странското државјанство или да докажувате дека ќе го добиете.

·         поднесете уверение за државјанството на РМ на сопругот/сопругата и сите останати погоре наведени документи, освен прашалникот за познавање македонски јазик.

   2. Ако сте венчани пред матичар со државјанин на РМ најмалку осум години а законски и постојано живеете во странство може да добиете државјанство на РМ ако: 

·         ги исполните сите услови погоре кои треба да ги исполни секој странец, освен условите 2, 7 и 10, односно не треба воопшто да сте живееле во РМ, не мора да го зборувате македонскиот јазик и не мора да имате отпуст од странското државјанство или да докажувате дека ќе го добиете. 

·         поднесете копија од документот со кој се потврдува дека имате пријавен законски престој во друга држава, уверение за државјанството на сопругот /сопругата како и сите останати погоре наведени документи освен прашалникот за познавање македонски јазик.

ШТО АКО НЕ ЖИВЕАМ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, НО СУМ ИСЕЛЕНИК ОД РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ИЛИ ДЕТЕ НА ИСЕЛЕНИК?
Можете да поднесете барање за државјанство со потребните документи наведени погоре до најблиската амбасада (конзулат) на РМ. Не мора да добиете отпуст од државјанството што го имате ниту да живеете во РМ, но мора да ги исполните сите останати услови како и секој странец наведени погоре, вклучувајќи го и познавањето на македонскиот јазик. 

ПРЕОДНА ОДРЕДБА
Член 14

КАКО МОЖАМ ДА ДОБИЈАМ  ДРЖАВЈАНСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА АКО ВО НЕА ЖИВЕАМ ПОСТОЈАНО ОД ПРЕД ОСМИ (8-ми) СЕПТЕМВРИ 1991 ГОДИНА, А СУМ ФОРМАЛНО ДРЖАВЈАНИН НА ДРУГИ­ТЕ РЕПУБЛИКИ НА ПОРАНЕШНАТА СФРЈ И ДРЖАВЈАНИН НА ПОРА­НЕШНАТА СФРЈ ?
Треба да ги исполните сите овие услови:
    * на осми (8-ми) септември 1991 година да сте имале пријавено живеалиште во РМ;
    * до поднесувањето на барањето постојано да живеете на територијата на РМ;
    * да имате вистинска и ефективна врска со РМ;
    * во РМ против Вас да не се води кривична постапка, за кривични дела со кои се загрозува безбедноста и одбраната на РМ;
    * да имате наполнето 18 години;
    * да го владеете македонскиот јазик до тој степен да може лесно да се разберете со околината
    * ЛИЧНО ДА ПОДНЕСЕТЕ БАРАЊЕ НАЈДОЦНА ДО ВТОРИ (2-РИ) МАРТ 2006 ГОДИНА 

КОИ  ДОКУМЕНТИ  МИ  СЕ ПОТРЕБНИ?
    * Кратка биографија
    * ДОКУМЕНТ ЗА ИДЕНТИФИКАЦИЈА (како на пример: лична карта за странец или  лична карта издадена од СФРЈ/СРМ, каква било патна исправа итн. ). Овој документ ќе треба само да го покажете кога ќе поднесувате барање.
    * Лична карта издадена од СФРЈ/СРМ  која била важечка на 8-ми септември 1991 година.  Ако ја имате се уште поднесете фотокопија заедно со барањето а ако ја немате, наведете каков било податок за неа во барањето (кога и каде била издадена, до кога важела, број на л. карта, итн.).  Ако на 8-ми септември 1991 година сте биле на возраст под 18 години, тогаш наведете каков било податок за живеалиштето кое вашите родители го имале пријавено на истиот датум. Нема потреба да поднесувате кава било потврда или документ дека сте имале пријавено живеалиште или дека сте имале стара СФРЈ/СРМ лична карта.    
    * ЗАПОМНЕТЕ:  Ако Министерството за внатрешни работи утврди дека престојот подолго време не ви бил законски  пријавен во РМ, може да побара од вас дополнително, откако веќе сте го поднеле барањето, да поднесете каков било друг документ издаден од надлежен државен орган во РМ со кој ќе покажете дека постојано живеете на територијата на РМ од 8-ми септември 1991 година до моментот на поднесување на барањето. 
    * ИЗВОД ОД МАТИЧНАТА КНИГА НА РОДЕНИТЕ (ако е странски, да биде издаден на интернационален образец или преведен од овластен судски преведувач).  ОВОЈ ДОКУМЕНТ ТРЕБА ЗАДОЛЖИ­ТЕЛНО ДА ГО ПОДНЕСЕТЕ.   
    * ИЗВОД ОД МАТИЧНАТА КНИГА НА ВЕНЧАНИТЕ (ако е странски да биде издаден на интернационален образец или преведен од овластен судски преведувач). ОВОЈ ДОКУМЕНТ ТРЕБА ДА ГО ПОДНЕСЕТЕ само  АКО ГО ИМАТЕ.
    * УВЕРЕНИЕ ДЕКА НЕ СЕ ВОДИ КРИВИЧНА ПОСТАПКА ПРОТИВ ВАС ВО РМ (издадено од Основниот суд во вашето место на живеење).
    * ПРАШАЛНИК ЗА ПРОВЕРКА НА УСЛОВОТ  ЗА ПОЗНАВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК.  Ако сте завршиле каков било облик на образование на македонски јазик, или пак во текот на образованието сте имале предмет македонски јазик за кој сте имале  преодна оценка, заедно со прашалникот приложете го свидетелството/уверението со кое тоа се потврдува. 

ПРИЗНАЕНИ БЕГАЛЦИ И ЛИЦА БЕЗ ДРЖАВЈАНСТВО

Ако сте ЛИЦЕ БЕЗ ДРЖАВЈАНСТВО - ШТО ЗНАЧИ ДЕКА НИЕДНА ДРЖАВА НЕ ВЕ СМЕТА ЗА СВОЈ ДРЖАВЈАНИН ПО СИЛА НА СВОЈОТ ЗАКОН, или ако сте ЛИЦЕ СО СТАТУС НА ПРИЗНАЕН БЕГАЛЕЦ и ако до поднесувањето на барањето законски и постојано живеете на територијата на Република Македонија најмалку шест (6)  години од моментот кога е УТВРДЕНО ДЕКА СТЕ ЛИЦЕ БЕЗ ДРЖАВЈАНСТВО ИЛИ ПРИЗНАЕН БЕГАЛЕЦ, за да добиете државјанство на Република Македонија треба прво да поднесете барање заедно со копиите од сите лични документи кои ги имате. Министерството за внатрешни

работи може  подоцна да побара од Вас дополнителни документи и податоци.

ДОПОЛНИТЕЛНИ ПРАШАЊА И ОДГОВОРИ
    * ДАЛИ ДЕТЕ ПОДНЕСУВА БАРАЊЕ ЗА ПРИЕМ ВО ДРЖАВЈАНСТВО НА РМ?
      НЕ, ДЕТЕ ПОМАЛО ОД 18 ГОД. СЕ СТЕКНУВА СО ДРЖАВЈАНСТВО ПРЕКУ НЕГОВИТЕ РОДИТЕЛИ, НО ЗАПОМНЕТЕ ДЕКА РОДИТЕЛИТЕ ТРЕБА ДА ГИ НАВЕДАТ ПОДАТОЦИТЕ ЗА ДЕТЕТО ВО СВОЕТО БАРАЊЕ.
    * ДАЛИ МОЖЕ ДА МИ ПРЕСТАНЕ ДРЖАВЈАНСТВОТО НА РМ?
      ДА, ДОКОЛКУ ПОБАРАТЕ ОТПУСТ ОД ДРЖАВЈАНСТВО НА РЕПУ­БЛИКА МАКЕДОНИЈА. ТОГАШ ТРЕБА ДА ИСПОЛНИТЕ НЕКОЛКУ УСЛОВИ:
    * Да сте наполниле 18 години;
    * Да немате пречки во поглед на воената обврска;
    * Да сте ги намириле сите свои имотно- правни и законски обврски спрема сите државни и приватни органи,           претпријатија, организации и други        правни и физички лица;
    * Да сте ги регулирале сите свои имотно - правни и други законски обврски од брачниот однос и од односот на родители и деца спрема лицата кои живеат во РМ;
    * Да доставите доказ од надлежен орган дека не е поведена стечајна постака, односно постапка за престанок на трговското друштво чиј основач или содружник сте, или пак за трговецот поединец, ако сте трговец поединец;
    * Во  РМ  да не се води  против вас кривична постапка за кривично дело за кое се гони по       службена должност;
    * Ако сте биле осудени на казна затвор тогаш казната треба да сте ја издржале; и
    * Да имате странско државјанство или да         докажете дека ќе добиете странско       државјанство. 
    * Може и да не ви се даде отпуст од државјанството на РМ ако тоа е потребно за да се заштити безбедноста и одбраната на РМ или  пак заради реципроцитет и други причини од односите со странската држава.

ДАЛИ МОЖАМ ДА ИМАМ И ДРУГО ДРЖАВЈАНСТВО, ОСВЕН ДРЖАВЈАНСТВОТО НА РМ?
ДА, НО КОГА СТЕ ВО РМ ЌЕ ВЕ ТРЕТИРААТ  КАКО  ДРЖАВЈАНИН НА РМ.

ИЗВЕСТУВАЊЕ:


Во врска со уплатниците за прием во државјанство на РМ, при поднесување на документи се уплаќа 20 евра денарска противвредност (според курс на Народна Банка).

При врачување на решението за прием во државјанство на РМ, се уплаќа уште 80 евра во денарска противвредност (според курс на Народна Банка).

При уплаќање на уплатницата, странката го пишува бројот на општината каде што живее. Од тие причини уплатната сметка на трите места со XXX не се пополнети.

Полињата во уплатницата означени со XXX се пополнуваат со кодот од Вашата општина

Контакт информации

Ибраим Беќири  помошник министер во Оддел за граѓански работи ,

Елизабета Поповска Томова  началник во Одделение за државјанство
        
Стандард за доставување (Временски рок)    
 разумен рок од 2 до 6 месеци

    
    НАПОМЕНА:Полињата во уплатницата означени со XXX се пополнуваат со кодот на Вашата општина.