На 28.01.2025 околу 12.15 часот на автопатот Табановце- Куманово, пoлициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Сопот при Регионалниот центар за гранични работи Север го лишиле од слобода Д.И.Х.(44) од Република Турција, со привремен престој во РСМ. При контрола во возилото „опел вектра“ со кумановски регистарски ознаки, кое го управувал, биле пронајдени две лица од Република Турција, за кои по извршени проверки било утврдено дека илегално влегле во државата. На 28.01.2025 во 18.30 часот на наплатна станица Смоквица, полициски службеници од Полициската станица за гранични проверки и граничен надзор Богородица го лишиле од слобода Н.Т.(45) од Република Турција, со привремен престој во државата. При контрола на патничко возило „geely atlas pro“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на рент-а-кар компанија, кое го управувал, биле пронајдени четири лица мигранти од Сирија, од кои еден малолетник. По целосно документирање на случаите, против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави.
На 28.01.2025 во 14.35 часот во Пробиштип, полициски службеници од ОВР Пробиштип ги лишиле од слобода С.А.(28) од Радовиш и М.Е.(40) од Штип, поради сомнение дека на 27.01.2025 извршиле две кривични дела „тешка кражба“ во продажни објекти во Пробиштип и Злетово, при што одзеле повеќе производи. Исто така, тие се сомничат дека со употреба на сила се обиделе да влезат во друг продажен објект во Злетово, но не успеале. Лицата биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 28.01.2025 во 21.00 часот на улица ,,121“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го привеле А.К.(37) од Тетово, кој бил баран по потерница врз основа на судска наредба за издржување на затворска казна во траење од една година и шест месеци за сторено кривично дело по член 297 став З од Кривичниот законик. Тој бил предаден во Казнено – поправната установа Затвор Тетово за издржување на казната.
На 29.01.2025 во 05.00 часот, полициски службеници од ОВР Гостивар го лишиле од слобода Е.П.(38) од Гостивар. Тој се сомничи дека околу 04.10 часот извршил ,,тешка кражба“ во продажен објект на улица ,,Гоце Делчев“, сопственост на Г.К.(52) и В.С.(40) од Гостивар, при што одзел пари и повеќе производи. Тој бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветен поднесок.
На 28.01.2025 во 19.30 часот на ул.„Кланица” во Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода Д.Н.(32) од Битола затоа што кај него била пронајдена прашкаста материја. По документирање на настанот, против него ќе следува соодветен поднесок.
Денеска (29.01.2025) во 01.10 часот во Скопје, на подрачјето на Чаир, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода А.А.(35) од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена бела прашкаста материја. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 28.01.2025 во 23.20 часот во Скопје, на подрачјето на Центар, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје ги лишиле од слобода К.Д.(24) и Е.Х.(28), двајцата од Република Турција, затоа што во нивна близина била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 28.01.2025 во 23.15 часот во Скопје, на подрачјето на Карпош, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Ј.К.(46) од с.Сарај, скопско, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 28.01.2025 во 21.00 часот во Скопје, на подрачјето на Бит Пазар, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Б.К.(26) од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 28.01.2025 во 20.45 часот во Скопје, на подрачјето на Чаир, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Д.Ѓ.(20) од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 28.01.2025 во 17.20 часот во ОВР Крива Паланка било пријавено дека на магистрален пат А2 во Крива Паланка, патничко моторно возило „мерцедес“ со кривопаланечки регистарски ознаки, управувано од Р.С.(51) од село Дурачка река, удрило во пешаците Р.С.(73) и А.Ј.(76), по што возачот со возилото го напуштил местото. Набргу, по преземени мерки возачот бил пронајден и лишен од слобода. Во несреќата, со тешки телесни повреди се здобил Р.С.(73), додека А.Ј. се здобил со телесни повреди, констатирани во Здравствен дом Крива Паланка. Увид на местото на несреќата извршила екипа од ОВР Крива Паланка.
На 28.01.2025 во 13.10 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека на ул.„Трајко Тарцан“ во Прилеп, патничко моторно возило „ренџ ровер”со англиски национални ознаки, управувано од Д.М.(45) од Прилеп, удрило во Д.Б.(69) од Прилеп. Во несреќата Д.Б. се здобила со тешки телесни повреди, констатирани во Градска болница Прилеп. Увид извршила увидна екипа на ОВР Прилеп.
На 28.01.2025 во 12.50 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, Д.П.(82) од Скопје пријавил дека на ул.„Ѓорче Петров“ во Скопје бил каснат од куче скитник.
На 28.01.2025 во 14.00 часот во Полициската станица Кисела Вода, А.Т.(23) од Скопје пријавил дека на ул.„Христо Татарчев“ во Скопје бил каснат од куче скитник.
На 28.01.2025 во 22.50 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, Д.Т.(27) од с.Волково, скопско, пријавил дека на ул.„Шарпланинска“ во Скопје бил каснат од куче скитник.
На 28.01.2025 во 17 часот во просториите на Клиничка болница Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода М.С.(64), лекар во Хируршко одделение во Клиничка болница Битола. Тој се сомничи дека сторил кривично дело „примање поткуп“ по член 357 од Кривичниот законик, односно дека по завршен хируршки зафат побарал и примил поткуп од лице од битолско. Кај него биле пронајдени и одземени парите, кои претходно биле обележани. М.С. е задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него е поднесена кривична пријава.
На 28.01.2025 во 18.20 часот во Струмица, полициски службеници од СВР Струмица го лишиле од слобода Р.И.(37) од Струмица. Тој се сомничи дека околу 17.00 часот се обидел со употреба на сила да одземе пари од М.Ј.(57) од Струмица. Лицето било задржано во Полициската станица Струмица, а за настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица. По документирање на случајот, против Р.И. ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 27.01.2025 во 10.40 часот во ОВР Прилеп, 61 - годишен маж од Прилеп пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 175.000 денари. Според пријавеното, во периодот од средината на август 2024 година до 24.09.2024 контактирал со лицето кое го довело до заблуда дека ќе инвестира во криптовалути, при што бил наведен на неговиот мобилен телефон да инсталира мобилна апликација за која мислел дека служи за купување на криптовалути. Како што е пријавено, преку апликацијата лицето пристапило во неговиот мобилен телефон и аплицирали за добивање на кредит од финансиско друштво, кој му бил пуштен на неговата трансакциска сметка, од каде пак лицето ги повлекло парите. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 28.01.2025 во 14.38 часот во СВР Скопје, од Казнено - поправната установа Затвор Скопје било пријавено дека во отвореното одделение во установата била пронајдена бела прашкаста материја. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 28.01.2025 во 13.45 часот во Виница, полициски службеници од ОВР Виница го лишиле од слобода П.Т.(32) од с.Јакимово, виничко, поради сомнение дека сторил кривично дело „незаконито влијание врз сведоци“ по член 368 - а став 1 од Кривичниот законик. Околу 08.30 часот во селото, тој со две возила го блокирал возилото на сопружниците П.Т. и М.Л. од с.Јакимово и на тој начин ги оневозможил да присуствуваат на судско рочиште во кое требало да сведочат против него. Според пријавеното, притоа тој им упатувал и закани да не се појавуваат на суд. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 28.01.2025 во 17.30 часот во СВР Скопје, 75-годишна жена од Скопје пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 3.200 евра. Според пријавеното, лицето ѝ се јавило телефонски, се претставило како полициски службеник и ѝ кажало дека нејзината ќерка предизвикала сообраќајна несреќа во која прегазила дете и доколку не сака таа да лежи во затвор требало да плати. Како што е пријавено, таа ги подигнала парите од банка и ги оставила на договореното место, а откако се слушнала со нејзиниот зет сфатила дека била измамена. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Р.(49) од кичевско село поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. На катастарска парцела во селото, без одобрение и спротивно на одредбите од законот за градење, тој изградил бетонска подлога за објект за домување.
На 28.01.2025 во 19.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на 27.01.2025 околу 17.00 часот во домот во скопско село, малолетничка била физички нападната од нејзината мајка Л.„Н“, која употребила и тврд предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
ОВР Струга поднесе кривична пријава против В.О.(58) од струшко село поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. На катастарска парцела во селото, без одобрение и спротивно на одредбите од законот за градење, тој изградил индивидуална куќа за живеење, што било констатирано и од градежната инспекција при општина Струга.
На 28.01.2025 во 17.00 часот во СВР Скопје, Н.Б.(42) од Скопје пријавил дека на 24.01.2025 во период од 21.00 до 22.20 часот на подрачјето на Центар, неговата малолетна ќерка во два наврати била физички нападната од четири малолетнички, кои ги познавала, а настанот бил снимен со мобилен телефон и споделуван на социјални мрежи. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесен соодветен поднесок.
На 27.01.2025 во 16.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека А.Х.(38) од Скопје, за која на 26.01.2025 во Полициското одделение Шуто Оризари беше пријавено дека се оддалечила од домот, се вратила дома.
На 28.01.2025 во 22.50 часот во СВР Скопје, 50-годишен маж пријавил дека околу 22.30 часот во дворот од семејна куќа на подрачјето на Шуто Оризари бил физички нападнат од својот син К.Р.(28) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 28.01.2025 во 23.45 часот во СВР Скопје, Л.В.(18) од Скопје пријавил дека околу 23.15 часот на автобуска постојка во населба Бутел во Скопје, тој и неговите тројца другари биле физички нападнати од неколку лица. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.
На 28.01.2025 во 20.30 часот во СВР Скопје, Е.В. од Скопје пријавила дека околу 18.50 часот на автобуска постојка на подрачјето на Центар, четири малолетници со закана од остар предмет од нејзиниот малолетен син одзеле пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Денеска (29.01.2025) во 00.30 часот во СВР Скопје, В.Д.(32) од с.Чегране, гостиварско, пријавил дека околу 23.00 часот на подрачјето на Ѓорче Петров, три машки и едно женско лице со закана од огнено оружје му одзеле пари и личен накит. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
На 28.01.2025 во 16.20 часот во СВР Битола, С.Б.(71) од Битола пријавил дека на ул.„Индустриска” во Битола бил каснат од куче скитник .
На 28.01.2025 во 16.20 часот во ОВР Прилеп, Б.Н.(33) од Прилеп пријавил дека на ул.„Комитска“ во Прилеп бил каснат од куче скитник.
На 28.01.2025 во 18.50 часот во ОВР Кавадарци, О.М.(75) од село Ваташа, неготинско, пријавила дека на улица „Страшо Пинџур“ во село Ваташа била касната од куче.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани поднесе кривична пријава против Д.С.И.(47) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 21.01.2025 во Кочани, пријавената физички и со тврд предмет ја нападнала Б.А. во нејзината куќа, оштетила дел од инвентарот и ѝ упатила закани.
Регионалниот центар за гранични работи Југ поднесе кривична пријава против Т.Ј.(34) од Република Турција поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење на мигранти“. На 24.01.2025 во атар на Гевгелија, пријавениот со патничко возило „нисан кашкаи“, сопственост на правно лице од Скопје, превезувал шест лица мигранти, од кои пет малолетници од Египет и еден од Сирија.
СВР Скопје поднесе кривична пријава против М.К.(23) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 26.01.2025 во Скопје, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило „опел“, управувано од пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.
СВР Скопје поднесе кривична пријава против Д.Н.(55) и еден малолетник, двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 23.01.2025 во Скопје, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило „ауди“ во кое се превезувале пријавените, при што биле пронајдени и одземени пет пиштоли и повеќе куршуми со различен калибар.