На 21.01.2025 во 21.20 часот во Скопје, на подрачјето на Бит Пазар, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода А.А.(37) од с.Пирок, тетовско, затоа што кај него биле пронајдени и одземени марихуана и дробилка. По целосно расчистување на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 21.01.2025 во 22.00 часот во Скопје, на подрачјето на Карпош, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода С.Т.(22) од с.Волково, скопско, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 21.01.2025 во 21.15 часот во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(44) од с.Пирок, тетовско, затоа што кај него бил пронајден и одземен хероин. Тој бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветен поднесок.
На 21.01.2025 во 18.30 часот на ул.„Павел Шатев” во Битола, полициски службеници од СВР Битола ги лишиле од слобода М.А.(18) и 17 - годишна малолетничка, двајцата од Прилеп, затоа што кај нив била пронајдена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
На 20.01.2025 во СВР Штип, од Казнено – поправната установа Затвор Штип било пријавено дека при контрола во установата, од осуденикот М.Е.(25) од Струмица била одземена прашкаста материја. Полициски службеници од Oтсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Штип преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.
На 21.01.2025 во 09.15 часот во СВР Охрид било пријавено дека на магистралниот пат А2, кај с.Врбјани, општина Дебрца, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген бора“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од Х.И.(39) од с.Стрелци, кичевско и патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, управувано од И.Д.(72) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил сопатникот од возилото „фолксваген бора“ Ф.И., како и возачот на патничкото возило „фолксваген пасат“ и неговата сопатничка В.Д. додека со телесни повреди се здобил возачот Х.И. и другите сопатници И.Л. и Л.И., констатирани во Специјалната болница „Св.Еразмо“ во Охрид. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Охрид.
На 21.01.2025 во 13.26 часот во ОВР Гостивар било пријавено дека на регионалниот пат Мавровска крстосница - Дебар, пред крстосницата за с.Скудриње, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген голф“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од Ф.К.(65) од с.Равен, гостиварско и патничко возило „фолксваген голф“ со дебарски регистарски ознаки, управувано од Џ.М.(38) од Дебар. Во несреќата со телесни повреди се здобил возачот Ф.К., а неговата сопатничка Л.К.(48) од Република Албанија со престој во с.Равен се здобила со тешки телесни повреди, констатирани во болницата во Гостивар. Извршен бил увид од увидна екипа на ОВР Гостивар.
На 21.01.2025 во 13.30 часот во Полициската станица Гази Баба, Љ.Т.(62) од Скопје пријавил дека на ул.„Финска“ во Скопје бил каснат од куче скитник.
На 21.01.2025 во 21.00 часот во Полициската станица Гази Баба, Л.А.(65) од Скопје пријавила дека на ул.„Архимедова“ во Скопје била касната од куче скитник.
На 22.01.2025 во 03 часот на патот за Вештачкото езеро во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп од А.С.(47) и Е.А.(35), двајцата од Прилеп, одзеле по две запрежни коли натоварени со бесправно исечени огревни дрва. Одземеното е предадено на Шумска полиција Прилеп, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.Б.Ш.(31) од Република Ирска, со привремен престој во Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 16.01.2025, при претрес во неговото патничко возило и во станот каде привремено претстојува, извршен со судска наредба, полициските службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога при СВР Охрид пронајдоа и одзедоа марихуана, бела прашкаста материја, дробилка и повеќе други предмети со остатоци од марихуана и бела прашкаста материја. На А.Б.Ш. му е одредена мерка куќен притвор во траење од 30 дена.
На 21.01.2025 во периодот од 13.30 до 14.00 часот во централното градско подрачје на Тетово, полициски службеници од СВР Тетово извршиле акциска контрола во објекти за продажба на текстилна облека, сопственост на А.Д.(29) од с.Требош, тетовско, сопственост на М.М.(33) од Тетово и сопственост на М.Д.(25) од Тетово поради основи за сомнение за сторено кривично дело „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓa фирма“ казниво по член 285 од Кривичниот законик. Притоа, од објектите била одземена разновидна облека со лого од познати светски брендови. По целосно расчистување и документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.
ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Н.Р (54) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. Таа, на градежна парцела во Кичево, отпочнала градежни активности за изградба на куќа за која немала соодветна градежна дозвола и одобрение издадени од надлежен државен орган.
На 21.01.2025 во 21.35 часот, полициски службеници од ОВР Крива Паланка го лишиле од слобода Н.В. (25) од Крива Паланка затоа што со остар предмет ја нападнал неговата снаа од Крива Паланка. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветна пријава.
На 21.01.2025 во 00.20 часот во близина на граничната линија со Република Грција, полициски службеници од Полициската станица за гранични проверки и граничен надзор Богородица го лишиле од слобода А.Н.(23) од Бангладеш, кој водел група од осум лица мигранти од Непал. Мигрантите се сместени во Прифатно транзитен центар Винојуг, а против А.Н. е поднесена кривична пријава, по што од судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Скопје му е изречена мерка притвор во траење од осум дена.
На 21.01.2025 во 19.50 часот на автопат Табановце - Куманово, полициски службеници од Одделението за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија Куманово во содејство со полициски службеници од Мобилната единица за компензаторни мерки во Одделот за гранични работи и миграции и полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Сопот забележале неколку лица мигранти како влегуваат во патничко возило „фолксваген туарег“. На даден знак за запирање возилото не застанало, но по преземени мерки набргу било запрено, по што возачот го напуштил местото. Притоа, во возилото биле пронајдени пет лица мигранти од Непал кои биле сместени во Транзитен центар Табановце за понатамошна постапка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 21.01.2025 во 11.10 часот, полициски службеници од ОВР Крива Паланка го лишиле од слобода Р.Ѓ.(55) од кривопаланечко село, постапувајќи по претходна пријава дека извршил обљуба врз 50 - годишна жена од истото село. Р.Ѓ. бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.
На 21.01.2025 во 09.45 часот во СВР Скопје, С.Р.(53) од с.Инџиково, скопско, пријавил дека околу 03.15 часот во угостителски објект на подрачјето на Центар бил физички нападнат од синот на сопственикот на објектот, кој употребил и метален предмет. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, по што ќе следува соодветен поднесок.
На 21.01.2025 во 12.00 часот во Скопје, на подрачјето на Центар, полициски службеници од СВР Скопје го привеле А.Ќ.(33) од Скопје затоа што агресивно се однесувал кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 21.01.2025 во 07.40 часот во СВР Скопје било пријавено дека во периодот од 15.00 часот на 20.01.2025 до 07.00 часот на 21.01.2025 со употреба на сила било влезено во црква на подрачјето на општина Аеродром во Скопје, при што биле одземени пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 21.01.2025 во 12 часот во Полициската станица Аеродром, Д.Т.(49) од Скопје пријавил дека од домот се оддалечила неговата ќерка М.Т.(28), која имала здравствени проблеми. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
СВР Битола поднесе кривична пријава против Н.Т. од Струга, со престој во Битола, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „разбојништво“ и „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 15.01.2025 во финансиско друштво во Битола, пријавениот со закана со пиштол кон вработената се обидел да одземе пари, а откако не успеал ја нападнал со тврд предмет. На 17.01.2025 полициски службеници извршиле претрес во домот каде престојувал, при што биле пронајдени и одземени пиштол „Црвена застава“ калибар 7,62 мм и куршуми.
На 21.01.2025 околу 17.40 часот во Полициската станица Шуто Оризари, У.Ф.(53) од Скопје пријавил дека од домот се оддалечил неговиот штитеник А.Х.(12), кој му бил доделен на згрижување, а кој и претходно се оддалечувал и бил враќан. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ѓ.С.(61) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „фалсификување исправа’’ и „поднесување лажни докази“. На 05.12.2024 пред Основен суд Тетово, пријавената доставила извештај од Клинички центар Тетово на име на З.А., издаден на 01.07.2024, според кој е донесена пресуда во нејзина корист, иако знаела дека извештајот е невистинит, односно дека З.А. на наведениот датум не била прегледана од наведениот доктор во извештајот и не била заведена во деловодната книга за прием во болницата.
Регионалниот центар за гранични работи Исток поднесе кривична пријава против Р.У.(60) од Република Турција поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификувана исправа”. На 18.01.2025, на Граничен премин Деве Баир, на влез во државата, пријавениот приложил фалсификувана меѓународна зелена карта за товарното возило „волво“ со полуприколка со турски национални ознаки.
На 21.01.2025 во Полициската станица Карпош, од Јавна установа за згрижување деца било пријавено дека од установата се оддалечил нивниот штитеник Р.М.(17), кој и претходно се оддалечувал и бил враќан назад. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
На 21.01.2025 во 15.00 часот во СВР Велес, Д.Ј(24) пријавил дека на ул.„Благој Ѓорев“ во Велес бил каснат од куче скитник.
На 21.01.2025 во 17.30 часот во СВР Битола, Ф.Ш.(37) од Битола пријавил дека на ул.„4 Ноември” во Битола бил каснат од куче скитник.
На 21.01.2025 во 18.10 часот во СВР Битола, Г.К.(46) од Битола пријавила дека ул.„Димитар Илиевски Мурато” била касната од куче скитник.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против И.Б.(52) од Тетово, А.П.(39) од Скопје, А.Љ.(30), С.А.(48) од Гостивар, со место на живеење во Тетово, Д.А.(25) од Тетово, Е.Ј.(34) од Тетово, поради постоење основи на сомнение „помагање“ во врска со „измама“, а против И.Б. е поднесена и пријава за „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „фалсификување на службена исправа“, а А.П. и за „злоупотреба на службена положба и овластување“, „посебни случаи на фалсификување на исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“. Првопријавениот И.Б., во својство на лекар во Клинички центар Тетово, во 2021 година креирал медицински извештај со невистинита содржина за наводни телесни повреди настанати во сообраќајни несреќи на име на петтопријавениот Д.А. и шестопријавениот Е.Ј., а со цел обештетување на нематеријална штета од осигурителни компании. Второпријавениот А.П. во својство на адвокат изготвил полномошно без датум и потпис на пријавените А. и Ј. и без нивно присуство и согласност ги доставил до осигурителна компанија од Скопје за наплата на нематеријална штета во износ од 680.000 денари. Третопријавениот посредувал во доставувањето на фалсификуваната документација во адвокатската канцеларија на второпријавениот, а ги подигнал паричните средства во износ од 399.350 денари од филијала на банка во Тетово, пуштени на сметка на петтопријавениот. Четвртопријавениот, и покрај тоа што знаел дека се работи за фиктивна документација, му помогнал на шестопријавениот да ја обезбеди целокупната фалсификувана документација, а подигнал и парични средства во износ од 280.000 денари, пуштени на сметка на шестопријавениот. Петто и шесто пријавените, и покрај тоа што занеле дека не им следува нематеријално обештетување по однос сообраќајни незгоди, давале нивни лични податоци за реализирање на наведените инкриминирани дејствија, со што ја оштетиле осигурителната компанија за износ од 680.000 денари.