Дневни билтени

Извадок од дневните настани 23.07.2017

 На 22.07.2017 година во СВР-Куманово, од страна на Дежурниот во Полициска станица Сопот било пријавено дека кај нив, од страна на вработени во Црвен крст бил донесен А.Ф.(23) од Пакистан, кој изјавил дека три лица од Пакистан му извршиле разбојништо, при што му одзеле 150 евра. При извршениот разговор, А.Ф. изјавил дека на 19.07.2017 година во с.Ваксинце, дошол заедно со група лица од Пакистан, при што биле пречекани од три лица, исто така од Пакистан (на возраст од околу 25-30 години), кои биле задолжени за пречекување и испраќање групи мигранти надвор од Р.Македонија. На 21.07.2017 година околу 22,00 часот, наведените организатори на сите лица од групата мигранти им побарале по 2.000 евра од лице, за да ги пренесат преку државната граница во Р.Србија. Бидејќи оштетениот немал пари, еден од организаторите го нападнал, удирајќи го со два удари со рака во пределот на лицето, по што му ги одзел парите и го оставиле. А.Ф. е пренесен во Транзитен центар-Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

На 22.07.2017 година во 01,30 часот во Скопје на ул.„Боро Менков“, додека С.Р.(58) од Скопје, ја чекал неговата девојка, бил физички нападнат од страна на шест засега непознати машки лица (на возраст од 30-45 години), удирајќи го со тупаници и клоци во пределот на лицето и телото, по што се упатиле во непознат правец. Причина за нападот била што истите не му дозволувале да седи на клупата која била пред самата зграда. Од нападот, С.Р. се здобил со тешки телесни повреди  (фрактура на 8-мо ребро). На истиот му била укажана лекарска помош во Ургентен Центар -Скопје. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите.

На 22.07.2017 година во 20,10 часот на ТАВ Аеродром Александар Велики-Скопје, на телефонот за информации, со кој оперирала вработена во ТАВ инфо-служба, од страна на засега непознато лице добила анонимен телефонски повик со закана. По добивање пријава за настанот, полициски службеници веднаш излегле на местото на настанот. Од страна на ИТ – службата на ТАВ бил утврден телефонскиот број од лицето кое се заканувало. Од страна на полициски службеник остварен е контакт со лицето и при разговорот истото одбило да го каже својот идентитет и продолжило со истите закани. Се преземаат мерки за расчистување на настанот. 

 На 22.07.2017 година во 08,30 часот на м.в.„Караорман“-Гевгелија од страна на мешовит тим составен од полициски службеници од Полициска станица Богородица и полициски службеници  од Чешка и службено куче била откриена неексплодирана мина. Мината од страна на полициските службеници е видно обележана со полициска лента и известен е раководителот на Дирекцијата за заштита и спасување Гевгелија.   

На 22.07.2017 година во 22,40 часот во Полициска станица -Карпош, Ј.П.(35) од Скопје, пријавила дека истиот ден околу 12,00 часот, од семејниот дом, во непознат правец се оддалечил М.П.(84). Се преземаат мерки за пронаоѓање на М.П.

На 22.07.2017 година околу 09,20 часот на магистрален пат А1 с.Удово-Гевгелија, поточно во близина на с.Марвинци, се случила сообраќајна незгода помеѓу автомобил “Тојота Авенсис“ со српска национална ознака управувано од В.С.(35) од Р.Србија и автомобил “Пежо 308“ исто така со српска национална ознака, управувано од С.П.(58) од Р.Србија. Од здобиените повреди при незгодата на местото на настанот починала сопатничката во “Пежо 308“, Д.П.(52) од Р.Србија. Смртта била констатирана од екипа на итна медицинска помош. Увид на местотот на настанот извршиле јавен обвинител и увидна екипа од Полициска станица-Валандово. За време на вршење на увидот, од 09,45 до 13,45 часот, сообраќајот бил пренасочуван по локален пат. По наредба на јавен обвинител, возачот В.С. е задржан во Полициска станица-Валандово, заради обезбедување на негово присуство на постапка која се води за учество во сообраќајна незгода со смртни последици.

На 22.07.2017 година во 14,05 часот во Скопје на ул.„Димитрије Чуповски“ бб, кај постојката на “Рекорд“, се опожарил автобус кој сообраќал на линија бр.23, управуван од Ѓ.Ѓ.(51) од Скопје. Пожарот настанал во пределот на моторот. Повредени патници нема. Од страна на екипа од Бригада за противпожарна заштита, пожарот бил изгаснат. Извршен е увид на местото на настанот.