Дневни билтени

Извадок на дел од дневни настани 24.04.2018

 На 23.04.2018 година во 13.30 часот на регионалниот пат Пробиштип-Крупиште, кај место викано “Лезовски Кантон“, дошло до судир помеѓу патничко возило „БМВ“ со скопски регистарски ознаки, управувано од З.А.(51) од Скопје, товарно возило „Мерцедес Спринтер“ со кочански регистарски ознаки, управувано од З.Т.(51) од Кочани и мотоцикл „Трува“, управуван од И.А. (27) од с.Горобинци, светиниколско. Притоа, со телесни повреди се здобил возачот на мотоциклот И.А., кој по укажаната помош бил пуштен на домашно лекување , додека сопатничката на мотоциклот С.И. (27) од Пробиштип поради сериозноста на повредите била препратена во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје каде и биле констатирани тешки телесни повреди и била задржана на понатамошно лекување. Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и увидна екипа на Полициската станица Пробиштип. Во периодот од 14.05 до 15.45 часот, додека траел увидот, сообраќајот бил во прекин.

На 23.04.2018 година во 14.30 часот во с.Долна Матка, скопско, во близина на автобуска постојка кај  ХЕЦ „Матка“ каде што се вршеле градежни работи, работниците И.М. (24) и Ш.Н. (33), двајцата од с.Цветово, скопско, биле физички нападнати од две непознати лица кои биле со патничко возило „Голф 5“ со скопски регистарски ознаки. И.М. и Ш.Н. им кажале на лицата во возилото да почекаат  малку  да завршат со работа па да поминат со возилото, но тие излегле од возилото и физички ги нападнале. Повредените работници биле префрлени во градската општа болница „Св. Наум Охридски“. Кај И.М. биле констатирани телесни повреди и бил пуштен на домашно лекување, а Ш.Н. бил задржан на понатамошно лекување. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.

На 23.04.2018 година во 15.00 часот, М.И. од Тетово, вработен во перална на ул. „Благоја Тоска“ во Тетово, пријавил дека истиот ден околу 13.30 часот, додека бил пред пералната со неговиот братучед М.И., со патничко возило поминал Ц.Д. (51) од с.Желино, тетовско, со кого од порано имале недоразбирања. Ц.Д.  од возилото упатил пцовки кон М.И, по што излегол и со железна шипка го нападнал М.И.  удирајќи го во пределот на левата страна на главата. Во физичката пресмета се вклучил и братучедот  на М.И. кој со секира го удрил Ц.Д. неколку пати во пределот на главата и телото. Тие биле разделени од случајни минувачи, по што Ц.Д.  со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Клинички центар Тетово и бил задржан за опсервација. Кај братучедите М.И. и М.И. имало забележливи повреди на лицата и рацете. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 24.04.2018 година во Полициската станица Аеродром, Љ.Х.Д. (72) од Скопје пријавил дека околу 02.00 часот од страна на непознат сторител запалена му била живата ограда од семејната куќа и со камен искршено прозорско стакло од дневната соба. Повредени лица нема, а пожарот сам го изгаснал. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 23.04.2018 година во 10.00 часот во Полициската станица Штип, Е.С. (50) од Штип пријавила дека околу 03.20 часот со нејзиниот сопруг забелажале дека нивната 17-годишна ќерка не била во собата во која претходно спиела, односно дека не е дома. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 23.04.2018 година во 15.50 часот на Граничниот премин „Деве Баир“, со товарно возило „Сканија“ со турски регистарски ознаки допатувал К.А. (31) од Република Турција. При контрола на возилото било констатирано дека зелениот картон е фалсификуван.  К.А. бил приведен во Полициската станица Деве Баир, по што бил предаден на полициски службеници од Полициската станица Крива Паланка за понатамошна постапка.

На 23.04.2018 година во 18.30 часот на Граничниот премин Аеродром „Скопје“, при пасошка контрола било констатирано дека лицето О.С. (48) од Република Турција, со живеалиште во Германија, се наоѓа на листата со мерка апси за кривично дело „недозволена трговија со дрога“ и е предмет на меѓународна потрага потврдена од Анкара, Турција. Во 23.15 часот О.С. бил предаден во Полициската станица Гази Баба за понатамошна постапка.

Во текот на вчерашниот ден (23.04.) на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле вкупно 13 сообраќајни незгоди од кои една со тешки телесни повреди, шест со лесни телесни повреди и шест со материјална штета. Во сообраќајните незгоди едно лице се здобило со тешки телесни повреди, а седум лица со лесни телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 10 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени 27 возачи а од нив: четворица поради тоа што управувале моторно возило под дејство на алкохол, 17 возачи управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило и шестмина затоа што биле возачи-почетници. Исто така, санкционирани се двајца возачи поради поминување на крстосница на црвено светло, десетмина - поради неправилно престројување, двајца возачи неправилно престигнувале, тројца недале првенство на минување на пешаци и десет возачи се санкционирани поради неносење заштитен шлем (кацига). Покрај ова од сообраќај се исклучени 24 возила бидејќи биле нерегистрирани а две возила поради претовареност. Санкционирани се и четворица пешаци затоа што поминале коловоз надвор од пешачки премин а тројца пешаци затоа што поминале коловоз на црвено светло. Во текот на изминатиот ден издадени се 261 мандатни платни налози, додека 57 возила се подигнати со специјално возило "пајак". 

На 24.04.2018 година околу 02,30 часот било пријавено дека на ул. „Моша Пијаде“ во Куманово било опожарено патничко возило „Ауди А4“ со кумановски регистарски ознаки, сопственост на С.К. од Куманово со стан на истата улица. Од пожарот возилото целосно изгорело. Се преземаат мерки за утврдување на причините за настанување на пожарот. 

На 24.04.2018 година околу 09.00 часот било пријавено дека на езерото Треска во Скопје биле опожарени две камп приколки и еден помошен објект. Сопственик на едната приколка е С.З. (44) од Скопје, а на другата се уште не се знае сопственикот. Се преземаат мерки за утврдување на причините за настанување на пожарот како и за висината на материјалната штета.

На 23.04.2018 година во 13.00 часот во Полициската станица Центар, Ј.Т. (59) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 12.10 часот, додека се движел на ул.  „Кеј 13-ти Ноември“, од страна на куче-скитник бил каснат за левата нога.

На 23.04.2018 година во 20.00 часот во Полициската станица Центар, М.Ј. (20) од Скопје пријавила дека истиот ден околу 18.00 часот на ул. „Стале Попов“ била нападната од три кучиња-скитници, од кои едното ја гризнало во пределот на десната надколеница. 

На 23.04.2018 година во Полициската станица Бит Пазар, З.С. (54) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 20.45 часот на автобуска постојка на булеварот „Крсте Мисирков“ неговиот 17-годишен син физички бил нападнат од страна на четири непознати лица, кои го удирале со боксови во пределот на главата. Се работи на целосно расчистување на случајот. 

СВР Скопје поднесе кривична пријава против И.С. (27) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“. На 26.03.2018 година околу 20.15 часот во аптека на бул. “Митрополит Теодосиј Гологанов“ во Скопје со закана со непознат предмет од вработената ги одзел парите од дневниот промет, по што избегал.    

СВР Куманово поднесе кривична пријава против А.Е. (22), А.А. (19) и М.Д. (21), сите од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 15.10.2017 година околу 03.30 часот на ул. „Илинденска“ во Куманово, по претходна вербална расправија, пријавените со уште едно непознато лице, физички го нападнале Л.Ф. од Куманово, при што му нанеле телесна повреда, а потоа со дрвена палка ги скршиле стаклата од возилото на оштетениот.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Б.С. (20), К.С. (20), двајцата од Агино Село, кумановско и против В.М. (21) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство”. На 25.03.2018 година околу 03.45 часот на ул. „Борис Кидрич” во Куманово пријавените физички го нападнале Д.Б. од Куманово, при што му нанеле видливи телесни повреди. 

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Ф.И. (27) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“. На 22.01.2018 година околу 17.00 часот во автомат-клуб на ул. „Наум Наумовски Борче” во Скопје“ пријавениот, кој претходно бил вработен како обезбедување во клубот, преку задната врата влегол внатре. Потоа, со шифра со која ја знаел од времето кога бил вработен, ја отворил вратата од просторијата во која се чувале пари за дневна игра, и од сефот одзел околу 813.182 денари, по што побегнал од местото.

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против И.Т. (37) од с. Ботун, општина Дебарца, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “проневера во службата“. На 15.07.2015 година и 11.07.2017 година пријавениот, како градоначалник на општина Дебарца, склучил договори за јавна набавка на мобилни комуникациски услуги со еден мобилен оператор според кои му биле доделени мобилни телефони. Тој не ги евидентирал телефоните во пописните листи и по завршувањето на функцијата не ги раздолжил, со што се стекнал со материјална корист од 241.452 денари на штета на општина Дебарца.