20 септември 2019

Министерот Спасовски во посета на Делчево

 

Заменик претседателот на Владата на РСМ и министер за внатрешни работи  Оливер Спасовски денеска го посети Полициското одделение од општа надлежност Делчево и оствари средба со претставници од Регионалниот Центар Исток. Ова е уште една од низата посети на министерот за внатрешни работи, која има за цел  поблиско запознавање со моменталните состојби и предизвиците со кои се соочуваат полициските службеници, имајќи го предвид приоритетот што го постави актуелното раководство на МВР за востановување на модерна, опремена, професионално подготвена, но и задоволна полициска служба.  

„Преку денешниве средби добивме една целосна претстава постигнатото во досегашниот период, но ги нотиравме и приоритетите што треба перспективно да се реализираат, односно ги утврдивме целите што во делот на полициските обврски и задачи ги очекуваме и посакуваме во наредниот период од нашите колеги овде“, истакна Спасовски по средбата со колегите од Полициската станица за општа надлежност Делчево и од Регионалниот центар за гранични работи – Исток, чие што седиште е токму во Делчево, додавајќи дека со задоволство може да истакне дека безбедносната состојба во овој пограничен регион може да се оцени како извонредно поволна, мирна и стабилна.

За време на престојот во Делчево министерот Спасовски ја посети и општина Делчево, каде се сретна со градоначалникот Горан Трајковски, како и со претставници на Советот на Општината и на Советот за превенција.

Во модерните, современи концепти на полициско работење  полицијата и локалната заедница се упатени на меѓусебна комуникација и континурана соработка, сè со цел постигнување ефективни резултати во личната безбедност и сигурноста на граѓаните, во одржување на јавниот ред и мир, во заштита на материјалните добра. Оттаму, наша основна задача е етаблирање на таквите стандарди на партнерско делување и квалитетна соработка во сите локални средини, независно дали се тие рурални или урбани. Само така се гради оној неопходен кредибилитет, интегритет и законитост во работењето на полициската служба, во интерес на граѓаните“, подвлече министерот за внатрешни работи, објаснувајќи дека темите кои беа во фокусот на вниманието на средбите во Делчево се состојбите во сите области од безбедноста, граничното полициско работење, како и соработката на полицијата со локалните власти и со граѓаните.

„Посебно би сакал да ја истакнам и улогата на локалниот Совет за превенција, кој е создаден за да го зајакне превентивното делување. А токму навременото препознавање на проблемите и предизвиците е основа за нивно брзо и квалитетно решавање, што е од суштинска важност за една локална заедница“, рече министерот Спасовски за време на посетата на Делчево.