Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска оствари средба со Шефицата на Мисијата за набљудување на избори на Канцеларија на ОБСЕ за демократски институции и човекови права, Корин Јонкер. Целта на средбата беше презентација на финалниот извештај за претседателските избори одржани во Република Северна Македонија на 21 април и на 5 мај 2019 година.
Во генералниот заклучок од извештајот е истакнато дека претседателските избори се одржаа во мирна, фер и демократска атмосфера, а во него се нотирани и препораки за поддршка на напорите за понатамошно усогласување на изборите во Република Северна Македонија со заложбите на ОБСЕ и другите меѓународни обврски и стандарди за демократски избори, кои се однесуваат на континуираната потреба од реформи на изборното законодавство и зајакнувањето на капацитетот на надзорните тела.
Министерот Спасовски на средбата го нагласи трендот на опаѓање на нарушувањата на избирачките права и ја истакна цврстата заложба за понатамошно подобрување на изборниот процес. Шефицата на Мисијата, Јонкер упати благодарност до Министерството за внатрешни работи за високото ниво на професионалност во постојаната комуникација и координација на претставниците на министерството и полицијата со членовите на Мисијата на ОДИХР. Таа изрази цврста подготвеност за понатамошна поддршка од страна на Мисијата на ОДИХР за нашата земја, во процесот на спроведување на приоритетните препораки.