Заменик претседателот на Владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска се приклучи на караванот „МојДДВ“ по повод мерката за поврат на 15% од пресметаниот ДДВ. Заедно со директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, тој го посети промотивниот штанд пред супермаркетот „Кит-Го“ (поранешен „Туш“ маркет) во Куманово и скенираше фискална сметка.
„Посебно задоволство ми причинува фактот што еве, во Куманово, можеме да дадеме поддршка и да го промовираме проектот МојДДВ, исклучително важен проект за Владата, но и за граѓаните, затоа што една од клучните приоритети во владината програма беше што е можно повеќе пари да вратиме назад, кај граѓаните. Иако постоеја различни размислувања за овој проект и дилеми дали тој ќе биде успешен, јас сум среќен што резултатите покажаа дека проектот е повеќе од успешен, бидејќи досега некаде околу 15 милиони фискални сметки се скенирани. Апелирам и ги повикувам граѓаните да ја симнат апликацијата и да се приклучат кон проектот МојДДВ, да вратат дел од финансиските средства кои ги даваат кон државата како данок на додадена вредност, од една страна, а второ - на тој начин ќе поттикнеме да се намали нивото на сивата економија во државата. Секој од граѓаните нека бара сметки за трговија или за било која услуга, бидејќи така заеднички вложуваме во нашата иднина. Колку повеќе пари се слеат во буџетот, толку повеќе средства ќе имаме за нови проекти, за зголемување на плати, за зголемување на пензии, со што целата економија започнува да се движи“, рече Спасовски.
Тој напомена дека граѓаните сè почесто пријавуваат случаи кога не им се издаваат фискални сметки, со што прават притисок врз трговците и активно придонесуваат кон создавање на даночна дисциплина, што јасно покажува дека граѓаните позитивно гледаат на неа и ги препознаваат придобивките од мерката МојДДВ.
Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска најави дека МојДДВ денеска влегува во последниот месец од првото тримесечје, односно заклучно со крајот на септември ќе се финализира износот на првата исплата од 15% поврат од ДДВ кај граѓаните, која ќе се случи во декември годинава.
„Изразувам огромно задоволство од досегашниот тек на реализацијата на МојДДВ. Од почетокот на МојДДВ на 1 јули, па заклучно со крајот на август веќе евидентиравме 15 милиони скенирани фискални сметки, остварен е промет од над 7,6 милијарди денари, вкупен ДДВ во износ од нешто над 800 милиони денари и 15% поврат кај граѓаните што изнесува 125 милиони денари, односно 2 милиона евра“, појасни Лукаревска.
Според податоците што ги сподели таа, евидентиран е и зголемен број на пријави од страна на граѓаните на линијата 198 за неиздавање на фискални сметки и други нерегуларности поврзани со фискалните сметки. Имено, од самиот почеток на МојДДВ регистрирани се вкупно 342 јавувања за неиздавање на фискални сметки, додека во истиот период минатата година имало само 162 пријави. УЈП, постапувајќи по пријавите од граѓаните, во изминатиов период спроведе интензивни контроли низ целата држава. Лукаревска потсети дека на веб апликацијата МојДДВ граѓаните имаат можност за преглед на износот на поврат, на бројот на скенирани фискални сметки, како и можност за повлекување, односно бришење на фискалните сметки кои се скенирани по грешка, ненамерно или од недоволна информираност.