29 јули 2019

МВР ги презема сите мерки прославата на Илинден да помине во најдобар ред

 

Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во Крушево ја посети полициската станица, а потоа имаше средба со градоначалникот Томе Христоски, со кого заедно присуствуваа и на седницата на Локалниот совет за превенција.

„Безбедносната состојба на подрачјето на Крушево и воопшто на подрачјето на СВР Битола е добра и евидентно е дека имаме подобрени резултати. Бев запознаен со активностите на општината со кои се одбележува 2 Август. Станува збор за бројни активности со кои се одбележува овој исклучително значаен државен празник. Празнувањето значи оддавање почит на историјата и влог во иднината на државата и граѓаните. И оваа година очекуваме голем број граѓани и во Крушево, но и на другите локации каде ќе се празнува и во таа насока Министерството за внатрешни работи ги преземаат сите потребни мерки и активности за прославата на 2 август да помине мирно и достоинствено. Би ја искористил оваа прилика да ги поканам граѓаните да се приклучат кон прославата на Денот на Илинденското востание и со начинот на кој ќе прославиме, достоинствено и чесно да покажеме дека ја почитуваме историјата и ја сакаме сопствената татковина“, рече Спасовски.

На подрачјето на Крушево во првите шест месеци од 2019 година има намалување на прекршоците во делот на јавниот ред и мир и тоа за 33 отсто, а позитивна е состојбата и во другите области. Воопшто, на територијата на СВР Битола во првото полугодие од 2019 година продолжува трендот на намалување на бројот на извршени кривични дела и зголемување на ефикасноста во расветлувањето на кривичните дела како и во претходната 2018 година, со уште подобри резултати. Во делот на недозволена трговија со дрога и оружје во првото полугодие од 2019 година е зголемена ефикасноста и се откриени 62 сторители на кривични дела или 44 % повеќе во однос на истиот период од 2018. година. При тоа се поднесени 51 кривична пријава односно 38 % повеќе во однос на истиот период во 2018 година. Во однос на јавниот ред и мир во текот на првото полугодие од 2019 година, на подрачјето на СВР Битола се евидентирани 16 % помалку случаи на прекршување во однос на истиот период од 2018. година. Во делот на сообраќајот на подрачјето на СВР Битола има исто така подобрување во првото полугодие на 2019 година во однос на истиот период во 2018 година. Сообраќајни незгоди со потешки последици се 5 % помалку во однос на истиот период од 2018 година, а загинати лица при сообраќајни незгоди или како последица од сообраќајни незгоди во прво полугодие од 2019 година се 40 % помалку во однос на истиот период од 2018 година.

МВР продолжува да работи во овој правец, со тенденција и овие бројки дополнително да се подобрат односно граѓаните да се чувствуваат уште побезбедно.