11 јули 2019

Селекција на кандидатите за полициски службеници

 

 

 

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска го посети Центарот за обука во Идризово, каде е во тек селекцијата на пријавените кандидати за полициски службеници на последниот објавен оглас од минатиот месец. 

На огласот за прием на 600 извршители на работното место - полицаец, согласно пропишаните нормативни критериуми и направените административни проверки по однос на бараната документација, се пријавија вкупно  2.391 кандидат, од кои 1.940 мажи и 451 жени. Сите тие, практично од завчера, во рок од осум дена ќе ги минат задолжителните и стандардизирани физички проверки, по што ќе се продолжи со следните етапи, односно фази на испитување: психолошки проверки, поточно проверки на интелектуалните предиспозиции; општо-образовно тестирање; интервјуа со секој кандидат; потоа безбедносни проверки, како и задолжителни здравствени прегледи.

„По завршувањето на сите овие проверки, ќе биде направено конечното рангирање после кое, согласно Законот за внатрешни работи 660 избрани кандидати, односно за 10 проценти повеќе од предвидената бројка на барани извршители ќе бидат упатени на основна обука за полицаец“, рече министерот Спасовски.

Со нив, ќе бидат потпишани Договори за основна обука за полицаец во времетрање од една година. Се разбира овие договори нормативно не се договори за работен однос, туку договори со кои што на кандидатите им се овозможува преку три образовни модули од по четири месеци да се стекнат со неопходните знаења за работното место полицаец.

„По завршувањето на секој од тие модули  во кои е опфатен период од тромесечна теоретска обука и еден месец практична настава, кандидатите ќе бидат оценувани за постигнатото, така што на крајот односно со истекот на целата обука ќе имаме конечна ранг листа по која што избраните 600 кандидати ќе склучат договори за вработување со министерството на работна позиција приправник-полицаец, со обврска најмалку пет години да работат во Министерството за внатрешни работи. На пријавените кандидати им посакувам успех“, рече министерот Спасовски.