04 јули 2019

Министерска конференција во рамки на Берлинскиот процес во Познањ

 

 

 

“За нашата држава, а верувам и за останатите земји од Западниот Балкан, оваа конференција во рамки на Берлинскиот процес има исклучително значење. Не само од аспект на реферирање за преземените активности и постигнувања во, за нас и тоа како стратешки важните теми: борба против корупцијата, миграциите, регионалната соработка по однос на разните бебедносни закани како и патоказот за одржливо решение за нелегалното поседување, злоупотреба и трговија со мало и лесно оружје и муниција во Западен Балкан до 2024 година, туку и од аспект на своевидна проверка или верификација на направеното, користејќи ја можноста да се разменат дополнителни искуства, согледувања, но и предлози“. Ова меѓу другото денеска во Познањ, Полска го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на заедничката прес конференција со неговите колеги полската министерката за внатрешни работи Елзбита Витек, германскиот сојузен министер за внатрешни работи Марко Вандервиц и бугарскиот заменик министер за внатрешни работи Милко Бремер , а по повод министерската конференција во рамки на Берлинскиот процес. Како што истакна Спасовски сето ова е во насока на што подинамично градење на концепти и решенија како на национално ниво, така и на регионално ниво во функционално и квалитетно спротивставување на сите реални предизвици и нивно анулирање во интерес на националната и регионална безбедност и стабилност. “Во крајна линија едно од примарните цели на самиот Берлински процес е токму соработката во трасирањето на патот и градењето стандарди и вредности кон целосна европска интеграција на државите од регионот на Западниот Балкан“, потенцираше министерот Спасовски. По однос на претпладневниот дел од конференцијата министерот Спасовски посочи дека се дискутирало за се уште горливите прашања поврзани со миграциските процеси, а пак во рамки на завршената прва работна сесија и околу продлабочувањето на регионалната соработка за заедничките безбедносни закани, особено во контекст на поквалитетна размена на информации во борбата против трговијата со луѓе, модерното ропство, криумчарењето на дроги. “Од страна на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија јасно ги презентирав не само актуелните позиции и досега спроведеното во склоп на темите што пред малку ги посочив, туку некои за нас битни аспекти што треба во наредниот период да бидат во фокусот на нашето заедничко работење. Како што е, на пример, случајот со надградба и воспоставување на координиран систем на оперативните-полициски бази на податоци, односно нивно осовременување, модернизирање и вмрежување со јасна контрола на пристап на секоја од агенциите за спроведување на законите“, истакна Спасовски. Тој исто така го изрази очекувањето дека заклучоците од оваа конференција ќе бидат нов силен инпут за натамошно интензивирање како во поглед на националните напори за реформирање и етаблирање на кредибилни национални институции за спроведување на законите, така и во поглед на подинамична регионална соработка што ќе овозможи и реален напредок во системот на колективна европска безбедност.

Инаку по прес конференцијата министрите за внатрешни работи од земјите на ЕУ и од Западниот Балкан ќе разговараат околу Патоказот за одржливо решение за нелегалното поседување, злоупотреба и трговија со мало и лесно оружје и муниција во западниот Балкан до 2024 година, како и околу обврските во борбата против корупцијата а во контекст на антикорупциските заложби усвоени во текот на самитот на Западен Балкан во Лондон 2018 година. Министерот Спасовски, според предвиденото ќе има свои обраќања и во врска со овие две теми.