„Ветингот е процес во кој што преку систем на институционализирани проверки на вработените ќе се процени соодветноста на вработените не само за нивната работна позиција туку и во поглед на нивното етичко, но и кривично-правно поведение, а “вис-а ви“ функцијата што ја извршуваат или треба да ја извршуваат. Поентата на овој механизам е да овозможи индивидуален, но и институционален интегритет и кредибилитет, елиминирајќи ги можностите од разните облици на незаконито делување, се разбира -вклучително и коруптивното“, рече министерот Оливер Спасовски на денешната трибина посветена на ветингот во МВР што се одржа во Домот на АРМ во Скопје, а на која учество земаа универзитетски професори, претставници на невладини организации, како и претставници на повеќе институции.
Заради тоа, првично се посочува ветингот кај јавните службеници во институциите за спроведување на законите - пред се правосудството, полицијата, затворските служби, царината и слично- поточно секаде онаму каде што се детектираат ранливите алки во системот - односно реалното влијание или подложност кон коруптивност или други форми на незаконитост.
„Низ призмата на нашето минато, ќе се согласиме дека нам повеќе од неопходно ни е потребен силен, конкретен исчекор во конечното втемелување на принципите на правната држава, односно владеењето на правото. Недостатоците со кои се соочувавме во рамките на правосудниот и безбедносниот систем во минатото и чии рецидиви се провлекуваат и до ден денес, ја наметнуваат потребата да пристапиме кон проверка на интегритетот на секој вработен во овие системи. Имено, од првиот момент од кога сум на оваа функција, апсолутно сум свесен дека ова министерство како орган на државната власт е најодговорно за остварување на системот на јавната безбедност, во рамките на кои е заштитата на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните, заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот и законите и како такво во ова министерство, од круцијално значење е прашањето за интегритетот на секој работник на Министерството, односно на полицијата“, рече министерот Спасовски.
Ветингот е крајно сериозен, сложен процес кој што не трпи импровизации, недоречености или површности. Затоа, ја организираме оваа дебата со намера да ја вклучиме стручната и друга јавност и преку сеопфатна размена на идеи, искуства, сознанија, анализи да дојдеме до најоптималниот концепт прифатлив и применлив за нашето општество за институциите, за граѓаните.
„Искажуваме подготвеност и решително и свесно влегуваме во сложен и долг процес заради обезбедување чесни, кредибилни, посветени и одговорни работници, преку проверка и евалуација на нивните вештини, компетенции, што е во насока на воспоставување на силна институција која ќе биде гарант на стабилноста и безбедноста во нашата држава. Ветингот ја дава можноста за своевидно ослободување или прочистување на институциите од системот од влијанијата - било политички, било економски, или други, кои што како исходиште ја имаат коруптивноста и криминалот. И, притоа наметнувајќи ги законитоста и интегритетот како единствена содржинска, а не формална потреба, како примарна институционална, но и персонална карактеристика во работењето во јавната сфера“, рече Спасовски.