Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска ги посети општините Градско, Демир Капија и Кавадарци, каде имаше работни средби со полициските службеници, локалните совети за превенција, како и со градоначалниците Роберт Бешовски, Лазар Петров и Митко Јанчев, на кои се разговараше за работењето на организационите единици во рамки на Секторот за внатрешни работи Велес, соработката со локалните власти и, особено, функционирањето на локалните совети за превенција.
-Ја користиме можноста директно, односно непосредно да се информираме и запознаеме со состојбите, особено во делот на комуникацијата и соработката на полицијата со локалните власти и со граѓаните. Искрено, радува фактот што Секторот за внатрешни работи Велес, каде што припаѓаат ПС од ОН Кавадарци, како и полициските канцеларии од општа надлежност Градско и Демир Капија, успева и годинава идентично како и лани да го задржи високиот процент на реализација, односно ефикасност во расчистувањето на евидентираните кривични дела од сите области на криминалот над бројката од 50 отсто, што сугерира дека сме на вистинскиот пат во натамошното унапредување на квалитетот на полициското работење и на професионалните стандарди, што е и во наша полза, но првенствено во полза на сите граѓани во општините под ингеренција на СВР Велес- рече министерот Спасовски.
Во контекст, пак, на функционирањето на Локалните совети за превенција, рече Спасовски, ние уште еднаш јасно ја деклариравме нашата решеност и отвореност за што поинтензивна полициска партиципација во овие тела, што како краен исход ќе придонесе за поблиска комуникација и соработка со граѓаните за брзо и ефикасно детектирање на евентуалните локални проблеми и нивно благовремено превенирање.
-Сакам да ја искористам оваа можност и да му се заблагодарам на г-динот Јанчев на донацијата - две нови возила - за потребите на нашата полиција што еве денес ни е врачена. Потег вреден за почит со надеж дека и во наредниот период ќе продолжиме со истото темпо во продлабочување на нашата соработка а во интерес на граѓаните-рече министерот Спасовски.