10 мај 2019

Соопштение 10.05.2019

  “Секоја жртва од минатото е света обврска во иднината. Денеска се собравме овде во паркот на општината Гази Баба, да изразиме должна почит и вечен спомен за трагично загинатиот наш колега, пријател, татко, сопруг, сограѓанин - Горан Стојменовиќ, припадник на Единицата за специјални задачи Тигар при Министерството за внатрешни работи, кој на 10-ти мај 2015 година прерано го загуби животот во полициската операција за неутрализирање на терористичката група во кумановската населба Диво насеље“.

Ова, на почетокот од своето денешно кусо обраќање, го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по повод откривањето на споменикот посветен на припадникот на ЕСЗ Тигар, Горан Стојменовиќ, во паркот во општина Гази Баба, којшто загина во полициската акција во кумановско “Диво насеље“ на 10 ти мај 2015 година.

 Министерот Спасовски нагласувајќи дека со својата херојска смрт како наш бранител, припадник на македонската полиција, Горан Стојменовиќ го заслужил своето место меѓу бесмртните, посочи дека - “Овој споменик посветен на незаборавот кон Горан не е никаква отплата на долгот кон него. Оти она со што тој, како и другите неговите колеги и соборци не задолжиле се враќа само со дела, со хумани дела, со професионални дела, со благородни дела, со се она добро, чисто и честитот заради што тие воопшто и ги положија своите животи“.