„Едукацијата, професионалното и стручно усовршување на полициските службеници како императив сам по себе, мора и треба да биде континуиран процес во кој постојан стремеж, меѓу другото, ќе биде и следењето на сите нови технолошко-образовни стандарди. Сето ова со една цел - позиционирање на полицијата како реален сервис на граѓаните и силен гарант во остварувањето на сите нивни права и слободи дефинирани како темелни уставни и општествени вредности“, рече денеска министерот Оливер Спасовски во Центарот за обука во Идризово, каде заедно со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која присуствуваа на промоција на апликација за паметни телефони ,,Улогата на полицијата за време на избори“.
„Денеска, а во пресрет на изборите за претседател на Република Северна Македонија, тука во Центарот за обука во Идризово, во рамки на опсежните подготовки на Министерството за обезбедување на претстојниот изборен процес во насока на негово мирно и непречено одржување, се промовира уште еден, според мое длабоко уверување, важен исчекор во насока на квалитетна и ефикасна едукација на полициските службеници. Овојпат, тоа мора особено да се подвлече, надополнето со можноста граѓаните непосредно да имаат увид во полициските овластувања и надлежности околу самиот избирачки процес. Имено, во соработка со нашите партнери од мисијата на ОБСЕ во нашата земја, и од нивна страна ангажираната компанија се изработи апликација преку која во секое време може да се има точен увид во законската регулатива, а таа е достапна и на пошироката јавност преку лесно симнување од интернет страната на Министерството за внатрешни работи“, рече министерот Спасовски.
На овој начин не само што дополнително се скратува времето за обука и се врши соодветно искористување на обучувачките и другите ресурси, туку се овозможува транспарентна е-обука на полициските службеници, на начин што и граѓаните ќе бидат запознаени со целосната нејзина содржина.
„Благодарение на успешната и континуирана соработка на МВР со Мисијата на ОБСЕ, Министерството започна еден нов модерен пристап во континуираното учење и стручно усовршување на вработените за одредени знаења и вештини. Всушност токму овој проект е дел од концептот на е- учење при Центарот за обука на министерството, што во соработка со мисијата на ОБСЕ успешно се реализира и унапредува веќе неколку години како незаобиколен дел од системот на образование и обука кај кандидатите за полициски службеници во Центарот“, рече Спасовски.