09 април 2019

Донација од околу милион евра од Владата на Република Чешка

 Денешниов настан не е само важен во однос на натамошното унапредување на техничко-организационите капацитети на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, туку уште повеќе тој е значаен како силен показател на едно, веќе етаблирано, искрено и конкретно партнерство и поддршка што во годините наназад ја имаме од нашите колеги од чешкото министерство за внатрешни работи и од владата на пријателска Република Чешка, рече министерот Оливер Спасовски по денешното потпишување на договорот за донација од Република Чешка за нашето Министерство за внатрешни работи од околу еден милион евра.

-Преку Договорот што пред малку го парафиравме со министерот за внатрешни работи на Република Чешка, г-динот Хамачек, за користење на финансиската донација од речиси еден милион евра, ние продолжуваме во насока на реализирање на заедничките цели, а тоа се високите и квалитетни безбедносни стандарди во интерес на граѓаните. Финансиските средства се наменети за активности поврзани со зајакнување на капацитетите на Одделите за гранични работи и миграции, за сузбивање на организиран и сериозен криминал, како и за воздухопловните единици при Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија- рече Спасовски.

Со оваа донација се проширува опсегот на меѓусебна соработка во повеќе безбедносни сегменти од взаемен интерес за техничко осовременување и доопремување на неколку организациони единици при МВР, со посебен акцент на миграционата проблематика.

-Колегите од чешката полиција се во континуитет присутни на нашата јужна граница од 2016 година до денес, каде што заедно со припадниците на нашето министерство заеднички остваруваат задачи на обезбедување на граничниот појас. Сакам, на крајот, во оваа прилика во свое и во име на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија уште еднаш да им се заблагодарам на нашите пријатели за помошта и поддршката што ја добиваме, убеден дека таа наша соработка не само што ќе продолжи во иднина туку и ќе биде значително интензивирана во интерес на националната, регионалната и глобална безбедност- рече Спасовски.

Министерот Хамачек потенцира дека Република Чешка и во иднина ќе продолжи да и помага на Република Северна Македонија на патот кон евроатланските интеграции, а денешната посета е еден од конкретните примери за одличната соработка меѓу двете држави.

-Република Чешка е пријател на Република Северна Македонија, кој ќе и помага на нејзиниот пат- рече министерот Хамачек.

Покрај финансиската помош, веќе неколку години полициски службеници од Република Чешка и помагаат на нашата полиција на јужната граница. Веднаш по завршувањето на денешната средба, министрите Спасовски и Хамачек ги посетија овие полициски службеници, изразувајќи им благодарност за нивниот придонес за гарантирање на безбедноста на јужната граница.