25 февруари 2019

Спасовски: Нема зголемување на бројот на пријавени исчезнати! Лаги и дезинформации се наводите дека недостасувале органи кај последните случаи на самоубиства

 „Уште еднаш најостро ги демантирам дезинформациите и шпекулациите во кои се злоупотребуваат актуелните случаи на исчезнати лица. Категорично ги отфрлам шпекулациите за наводни киднапери и наводна препродажба на човечки органи. Tоа се лаги и дезинформации. Ниту има случаи на киднапирање ниту пак на лицата што во последните неколку случаи си го одземаа животот им недостигале органи“, рече министерот Оливер Спасовски на денешната прес конференција.

Министерот Спасовски апелираше граѓаните да бидат спокојни и да не наседнуваат на ваквите лаги.Апсолутно неточни се и наводите дека расте бројот на исчезнати лица. Напротив, статистичките податоци недвосмислено покажуваат дека и ова е лага. Во 2018 година имало 370 пријавени исчезнати лица, а на пример, во 2014 имало 574. Денес, МВР е транспарентна институција, за разлика од претходниот период кога од јавноста се криеја дури и убиства.

„Во континуитет во последниве пет години пронаоѓањето на пријавените исчезнати лица се реализира со околу 94%. Но, ние посветено работиме за да дојдеме до 100%. Како родител сочувствувам со секој родител чие дете е исчезнато, и ги уверувам нив и сите родители во Република Северна Македонија дека овие истраги се третираат со целосна сериозност и посветеност. Точно е дека некогаш истрагите не ги даваат очекуваните резултати или барем не доволно брзо колку што посакуваме. Но, тоа не значи дека не се трудиме и дека не водиме грижа. Никогаш нема да се откажеме од ниту еден ваков случај. На оние пак што шират лажни и со ништо непоткрепени приказни за трговија со човечки органи би сакал да им порачам – НЕ помагате. Со ширење на вакви лаги само ја зголемувате болката на оние чии сакани и блиски исчезнале“, потенцираше Спасовски.

Дел од овие случаи, за жал завршуваат понекогаш како самоубиства, како што имавме во последниот период.

„Во тие случаи, важно е да ја почитуваме приватноста на семејствата наместо да правиме спектакл од нивната тага и болка. Кога имаме случај на исчезнато лице, важно е полицијата да добие што е можно повеќе информации за што е можно побрзо време. Колку е подолго времето помеѓу исчезнувањето на едно лице и известувањето на полицијата за тоа, толку е потешко пронаоѓањето на лицето“, рече министерот Спасовски.

Затоа, рече министерот Спасовски, споделуваме сет на препораки што можат да помогнат во случаи на исчезнати лица.

Тие препораки се:

-       Доколку некое лице исчезне, контактирајте ги сите кои би можеле да го знаат местото на престој на исчезнатото лице.

-       Соработувајте со полицијата, дајте ги сите информации за пријателите и роднините на исчезнатото лице, местата кои често ги посетува, здравствената состојба или начин на однесување во блиското минато

-       Споделете ги карактеристичните размислувања на исчезнатото лице, неговите видувања за идни планови

 
-       Не сокривајте информации од полицијата, бидете достапни

-       Обезбедете фотографија и дозволете и на полицијата да ја сподели со јавноста.

-   Обратете се во најблиската полициска станица, полицискиот службеник за прифат или инспекторот по потраги ќе ги земе сите податоци кои се потребни

-       Водете грижа за лицата кои имаат здравствени проблеми и страдаат од болести заради кои ја губат способноста за осознавање, не ги оставајте без придружба и надзор.

„Додека проактивно ги адресираме овие препораки за да можеме да превенираме идни случаи од овој тип, мора да истакнеме дека полицијата активно и посветено работи на истрагите за сите тековни случаи на исчезнати лица. Ширењето на страв и лажни гласини не помагаат никому, а најмалку на фамилиите кои имаат празно место на масата. Дозволете, без шпекулации и ширење лаги да ја работиме нашата работа за да ги донесеме тие граѓани дома кај своите блиски или побрзо да ги решиме случаите“, рече Спасовски.