11 јануари 2019

Спомен обележје во Радовиш за загинатите полициски службеници

 „Во темелите на државите се вградени и живототите на хероите, кои со своите дела се пример за сите нас. И Република Македонија е создадена и постои благодарение на безрезервната жртва дадена од многу нејзини херои, наши браќа, синови, татковци“, рече министерот Оливер Спасовски денеска во Радовиш, каде пред Полициската станица беше откриен споменик за загинатите полициски службеници од овој град.

„Ова што го имаме им го должиме на нашите херои кои со своето највеличествено дело и залог, сопствениот живот,  оставија вечна трага и свое место во историјата, но и во иднината на генерациите што доаѓаат. И затоа денеска, кога овде во Радовиш ги споменуваме имињата на Ерол Готак, Сашо Соколов и  Коце Крстев, свесни сме за долгот што ни е оставен, за благородната, човечка и доблесна обврска да водиме грижа и да не заборавиме - никогаш, за нив и за нивната жртва“, рече Спасовски.

Наша должност пред нив е, рече Спасовски, да го чуваме и да го пренесуваме сето она што тие го оставија зад себе како наследство.

Градоначалникот на Радовиш Герасим Конзулов во своето обраќање потенцира дека градот Радовиш секогаш ќе им оддава почит на хероите за нивната храброст, тројцата млади луѓе кои животот го дадоа служејќи и на својата татковина.