05 декември 2018

Превентивно-едукативен проект „Стоп на говорот на омраза“

Секторот за внатрешни работи Тетово неделава започна со практична реализација на превентивно-едукативниот проект „Стоп на говорот на омраза“, а чии носители се Отсекот за превенција, тетовската и гостиварската локална самоуправа и ОБСЕ.
Со проектот ќе бидат опфатени над 2500 ученици во прва година од шестте тетовски и четирите гостиварски средни училишта.Учениците поблиску ќе бидат запознати, како да го препознаат говорот на омраза, како да се дистанцираат од однесување, односно постапки и изразување со елементи на ваков говор и какви можат да бидат негативните  лични и општествени последици.
На учениците, исто така, ќе им бидат презентирани досегашни негативни искуства поврзани со говор на омраза во обичните разговори и посебно на социјалните медиуми.
По завршување на предавањата, кои се планира да се одржуваат еден месец, се предвидуваат две сликарски работилници, на кои учениците ќе изработат експонати на истата тема, кои подоцна официјално ќе бидат изложени во Тетово и Гостивар.