02 декември 2018

Сузбиена криминална група за трговија со кокаин

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во координација со канцеларијата на ДЕА во Атина (служба за борба против дрога на САД), како и со службите за борба против дрога на Црна Гора и Косово приведе три лица поради недозволена трговија со кокаин и до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против М.Ѓ.(61) и А.Ѓ.(24), двајцата од Црна Гора, како и против Ј.Ц.А.Г.(48) од Перу поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, казниво по член 215 став 3 од Кривичниот законик на Република Македонија.
Во текот на ноември 2018 година М.Ѓ. и А.Ѓ. од лице од Перу набавиле наркотична дрога кокаин за понатамошна продажба. После тоа бил ангажиран Ј.Ц.А.Г. да го пренесе кокаинот од Перу до Република Македонија, а потоа преку Косово до Црна Гора. Кокаинот бил подготвен така што со соодветен процес од прашкаста преминал во течна форма. Потоа различни парчиња облека биле потопени во кокаинот и потоа сместени во куфер, кој му бил даден на Ј.Ц.А.Г. да го донесе во Македонија.
На 30.11.2018 година Ј.Ц.А.Г. пристигнал во Скопје преку аеродромот Скопје и по преземени мерки од полициските службеници бил лишен од слобода. Поради сомнение дека алиштата кои се пронајдени во куферот содржат наркотична дрога кокаин, биле одземени, а исто така одземени се и пари, мобилен телефон и други предмети. Истиот ден од слобода се лишени и М.Ѓ. и А.Ѓ.. Кај нив, исто така, биле пронајдени и одземени пари, мобилни телефони и други предмети.
По извршеното вештачење, на облеката било детектирано присуство на кокаин, а по дополнителен процес на екстракција ќе биде утврдена количината на кокаинот. Судија на претходна постапка на тројцата приведени им одреди мерка притвор во траење од 30 денови.