22 октомври 2018

Опремена полиција-безбедни граѓани: Нови комплети униформи за припадниците на ЕСЗ

 Денеска овде во касарната Илинден припадниците на Единицата за специјални задачи добија нови униформи и делови што припаѓаат покрај униформата за извршување на посебни и специјални задачи. Набавени се 200 комплети униформи за специјална полиција за урбана средина и 200 комплети униформи за специјална полиција за рурална средина, во склоп на нашите активности за овозможување на соодветни услови за работа на припадниците на МВР, рече министерот Оливер Спасовски во изјавата за медиумите по промоцијата на новонабавените униформи за припадниците на ЕСЗ.

Министерот Спасовски потенцира дека секојдневните ангажмани на актуелното раководство на МВР јасно ја докажуваат цврстата решеност полицијата да се трансформира во кредибилна институција, во реален сервис на граѓаните, во достоинствена и репсектирана професија.

Опременоста на полициските службеници, нешто што сосема беше занемарено цела деценија наназад, не може и не смее да се игнорира. Тоа е прашање од круцијално значење, потенцира Спасовски потсетувајќи дека веднаш по неговото доаѓање на чело на МВР јасно кажа дека тој дотогашен третман на полициските службеници под сите минимални стандарди е недозволив и навредлив. И еве, јавноста сведочи дека тоа се менува, секојдневно, внимателно планирајќи ги средствата, капацитетите, можностите што се на располагање. Со силно декларираната волја и домаќинско работење, согласно планираната динамика, од месец во месец раководството на МВР напорно работи на подобрување на севкупните услови за работа на полициските службеници. Впрочем, рече Спасовски, јавноста и медиумите се сведоци за таквите  ангажмани како во делот на инфраструктурно и техничко унапредување, така и во поглед на материјалните подобрување на условите на работа на сите полициски службеници.    

Министерот Спасовски потенцира дека продолжува истото темпо и во наредниот период. Се реновираат полициските станици, се набавуваат униформи и опрема за полициските службеници, со цел да се овозможат сите потребни услови за работа, што пак носи подобри резултати во работењето односно поголема сигурност за граѓаните.