Продолжуваме со подобрување на условите за работа на полициските службеници затоа што само со овозможување на подобри услови можеме да имаме и подобри резултати во работењето, а тоа значи и подобра безбедност за граѓаните, рече министерот Оливер Спасовски по денешната посета на реконструираниот објект на Полициското одделение Галате, гостиварско, кој е уште еден во низата реконструирани објекти во периодот од јуни 2017 година до сега.
Во јуни минатата година затекнавме полициски станици кои беа во загрижувачка состојба, во кои полициските службеници работеа во субстандардни услови и веднаш преземавме активности за да ја поправиме состојбата односно да обезбедиме соодветни услови за работа, нагласи Спасовски.
Сега вработените во ПО Галате ќе работат во реконструиран објект чија што реконструкција и санација е изведена со средства од буџетот на министерството. Целосно е реконструирана кровната конструкција, санитарните јазли, сменети се вратите и прозорците, санирани се подовите со плочки и ламинат, обновен е дел од фасадата... Вредноста на сите тие зафати е околу 2.400.000 денари. Вакви реконструктивни и санациски работи се во тек на изведба и за објектите на ПО Зајас, полицискиот објект на Солунска глава, објектот на ПС Кичево, но и објектите на СВР Велес и на СВР Битола. И сето тоа согласно направените проценки за приоритет на стручните служби при министерството и следствено предвидената динамика според која работите на сите овие објекти треба да бидат завршени во текот на наредниве месец до два.
-И во наредниот период ќе продолжиме со активности за подобрување на условите за работа на македонската полиција. Свесни пред се за фактот дека само од подготвена, добро опремена и професионално обучена полиција може да се очекуваат поголема ефикасност, квалитет и резултати во работењето- рече Спасовски.
На средбата со раководството на СВР Тетово беше потенцирано дека безбедносната состојба во овој регион е стабилна. Во последниот период видливи се резултатите во борбата против недозволената трговија со дрога, како и при акциските контроли по угостителските објекти, санкционирањето на прекршоците во сообраќајот итн.