Задоволство ми е да истакнам дека полициската станица што се наоѓа на територијата на општина Бутел има значителни позитивни резултати во изминатата година во намалувањето на криминалитетот и особено во делот на регулирањето на сообраќајот, рече министеротОливер Спасовски по денешната посета на општина Бутел.
-Сакам да им се заблагодарам на граѓаните од оваа општина што придонесоа да покажеме дека можеме да го средиме сообраќајниот хаос кој постоеше и ги повикувам и понатаму да бидат партнери на македонската полиција. Со градоначалникот на општина Бутел разговаравме околу нашите заеднички надлежности . Благодарам што градоначалникот има разбирање за обезбедување на место за изградба на нова полициска станица, што ни е потребна за да ги подобриме условите за работа на полициските службеници и се надевам дека многу скоро ќе имаме можност да започнеме со реализација на едне ваков значаен проект“, рече министерот Спасовски по средбата со градоначалникот Велимир Смилевски.
На средбите во полициската станица и во локалната самоуправа се разговараше и за референдумот на 30 септември.
-Ова е историски миг за нашата држава. Апелирам ако било кој се заканува на било кој граѓанин да не излегува на референдум, граѓаните тоа да го пријават во најблиската полициска станица. Несомнено е дека и граѓаните од општина Бутел се подготвени да и дадат шанса на Република Македонија и да ги поддржат ЕУ и НАТО интеграциите- рече Спасовски.
Министерот Спасовски рече дека МВР ги презема сите неопходни мерки за претстојните посети на високи странски делегации , а самите посети се доказ за поддршката што Република Македонија ја има од меѓународната заедница.