30 ноември 2017

Потпишан Меморандум за разбирање со ОБСЕ околу поефикасна контрола на малото и лесно оружје и муниција

 “Соработката на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и ОБСЕ, честопати распространета на повеќе полиња, години наназад се карактеризира со отворен, искрен и партнерски однос. Овојпат, предмет на наша заедничка работа и интерес е лесното оружје и муниција. Притоа сакам да нагласам дека опасноста од пролиферацијата на лесното оружје и муниција детектирана како сериозен проблем свое место најде и во Стратегијата за контрола на малото и лесно оружје на Владата на Република Македонија“, истакна, меѓу другото, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето денешно обраќање по повод потпишувањето на Меморандумот за разбирање помеѓу МВР и мисијата на ОБСЕ во РМ а посветен на почетокот на проектот насловен како - “ Намалување на ризикот од пролиферација на оружје и муниција“.

“Со цел унапредување на политиките и стандардите во оваа област, ние подготвивме нова Национална стратегија за контрола на мало и лесно оружје која соодветно ги адресира новите трендови и предизвици“, потенцираше Спасовски притоа конкретизирајќи ја важноста од потпишувањето на Меморандумот за разбирање : “Обврзувајќи се заедно да работиме во наредниот двегодишен период, сакам да ја подвлечам важноста од понудените стратешки насоки, пријателство и обезбедената поддршка од страна на ОБСЕ за Република Македонија односно за Министерството за внатрешни работи во спроведување на меѓународните обврски во политичко-одбранбената област и во таа смисла, за придонесот за безбедноста и стабилноста во овој регион“.

Според Спасовски, со реализацијата на проектот ќе се обезбеди зголемена физичка и информатичко-технолошка  безбедност на залихите на малото и лесно оружје и муниција во петнаесет станици на граничната полиција и еден Регионален центар за гранични работи. Истовремено, овој проект е замислен да придонесе и кон натамошно зголемување на постојниот капацитет на Министерството за внатрешни работи за управување со залихите на малото и лесното оружје и конвенционалната муниција, преку развивање на софтвер за евиденција на употребениот материјал и зајакнување на физичката заштита на одредени објекти.