07 октомври 2015

Започна едногодишната обука на 660 кандидати за идни полициски службеници

Од денеска (07.10.2015) во Центарот за обука на кадри при  Министерството за внатрешни работи во Идризово започна едногодишна обука на 660 кандидати за полициски службеници кои беа селектирани по објавениот оглас  за прием на 600 полициски службеници  кој беше објавен на 10 јули 2015 година.

Како што е познато на конкурсот објавен на 10.07.2015 за прием на 600 извршители на работното место „полицаец“ беа пријавени околу 3000 кандидати. Кандидатите беа избрани по завршување на неколку фази на проверки по принципот на рангирање. Беа опфатени тестирања на физичките способности на пријавените кандидати, потоа психо-образовни тестирања и здравствени проверки. Притоа , со овие кандидати е потпишан Договор за основна обука за полицаец во траење од една година започнувајќи од 07.10.2015 година.

Интернатската обука на кандидатите ќе се одвива во три образовни модули- јавен ред и мир, сообраќај и гранични работи. Секој од модулите трае четири месеци од кои три месеци кандидатите ќе имаат теоретска обука, а по еден месец практична, теренска обука. По завршената основна обука , Договор за вработување во МВР потпишуваат 600 кандидати согласно ранг листата изготвена од Центарот за обука .

 

...