Би сакал на почетокот на оваа конференција во мое лично име и во име на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија да ви посакам топло добредојде во Охрид и во Република Македонија. Притоа, дозволете ми да го изразам своето искрено задоволство за честа што Министерството за внатрешни работи е домаќин и коорганизатор на овој настан, заедно со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, чија што, пак, континуирана поддршка и соработка и овој пат еве резултира со одржувањето на еден значаен собир посветен на исклучително важна и актуелна тема, како што е насилниот екстремизам, радикализмот, тероризмот и менаџирањето на кризни ситуации како резултат на истите. Се разбира голема благодарност и до нашите пријатели од Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија.
Почитувани,
Екстремизмот претставува феномен кој по правило е насочен против востановените вредности на едно општество, при што во себе содржи препознатливи елементи на насилен криминал. Заканата од насилниот екстремизам е комплексна. Тој може да ги дестабилизира државите, ги подрива општествените норми и вредности, и повикува или директно предизвикува насилство. Поврзаноста на екстремизмот со тероризмот, како и неговиот диверзитет- кој варира од популаризирање екстремистички идеи до заговарање насилство за реализација на целите -овозможува овој феномен да ги надминува националните рамки и да добие меѓународна димензија.
Впрочем, денес во светот, како никогаш претходно, такви примери имаме безброј - голем број земји во светот, меѓу кои и Република Македонија се соочуваат со тие современи ризици и опасности произлезени од екстремистичката дејствителност кои се прелеваат од национални во регионални, па и пошироки контексти.
Објективно гледано, Македонија во континуитет е изложена на асиметрични закани кои произлегуваат од зачестеното манифестирање на етничка нетрпеливост, верска нетолеранција и екстремизам, кои, пак, создаваат погодно тло за радикализација која може да доведе до тероризам. Актуелизирањето на феноменот “странски борци“, односно интернационализацијата на екстремистичко-радикалистичките концепти, како и напливот на мигранти и бегалци од земјите на Блискиот Исток и Северна Африка придонесе кон зголемувањето на заканите од тероризам, што за жал во повеќе случаи веќе се остварија.
Имајќи го предвид сето ова, мислам дека клучен предизвик е детектирањето, односно раното предупредување и идентификација на можните закани од тероризмот. Во таа насока, Република Македонија врши постојана надградба на нормативните и институционални капацитети од системот за национална безбедност, носи заедничка безбедносна стратегија и развива и применува ефикасни и функционални механизми за справување со постоечките закани и ризици. Како пример би сакал да ја посочам превентивната стратегија како систем од нормативни, безбедносни и пошироки - социолошки мерки за борба против овие безбедносни феномени, менаџирање на последиците од радикализацијата и намалување на ризиците од тероризам.
Оваа стратегија се базира на нужноста од идентификување на причините, условите и факторите кои продуцираат екстремизам, но и идентификација на нивната интеракција; потоа, дефинирање на појавните облици и развојни тенденции на екстремното и терористичкото делување, особено по појавата на нови облици на тероризам и промена на терористичките тактики.
Во контекст на нормативата на ова поле, би ја споменал најпрвин Националната концепција за безбедност и одбрана на Република Македонија, според која државните институции и органи, надлежни за борба против тероризмот своите мерки и активности ги преземаат врз основа на позитивната законска регулатива и пред сè, Уставот на Република Македонија како највисок правен акт кој дава гаранции за остварување и заштита на основните слободи и права на човекот и граѓанинот.
Покрај тоа, во низата законски и други релевантни акти како што се Националната стратегија за спречување на перење на пари и финансирање на тероризам и Национална стратегија за одбрана на Република Македонија, појдовна основа за институционално делување претставува Националната стратегија за борба против тероризмот (2015-2020г). Во овој контекст сакам да истакнам дека оваа Национална стратегија за борба против тероризмот е изготвена без подготвен Акциски план за нејзино спроведување, и дека таа претставува добар основ за преземање на репресивни мерки во борбата против тероризмот. Меѓутоа, сите ние сме свесни дека ефикасно справување со тероризмот и сите негови појавни форми и облици може да се постигне единствено со преземање на превентивни мерки и активност. Затоа, надлежните институции во Република Македонија веќе подготвуваат нова Национална стратегија за справување со насилен екстремизам и радикализација кои водат кон тероризам.
Во оваа прилика, би сакал да посочам дека Владата на Република Македонија истапи пред домашната и поширока јавност со Акциски план наречен План 3-6-9 кој што всушност, ги означува мерките и активностите што треба да се спроведат во наредните три, шест, девет месеци. Ова е почетната точка, преку која се најавени итните реформски приоритети, меѓу кои и основање на Национален комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам.
На својата седница одржана на четврти август годинава, Владата на Република Македонија донесе одлука за именување на Национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, како и двајца заменици национални координатори, еден за борба против тероризам и еден за спречување на насилен екстремизам. Верувам дека членовите на овој Комитет најавени за учество на оваа Конференција, ќе дадат голем придонес во нејзината успешност.
Последно, но не и помалку важно: дозволете ми да посочам на неколку предлог мерки за превенција на закани и ризици од аспект на екстремизам и тероризам, каде согледувајќи ја нивната сложена природа може да се заклучи дека е неопходна засилена колективна акција и тоа не само на безбедносните служби, туку и на сите општествени чинители од политички, правен, образовен, социјален и верски аспект.
Прво, тоа е идентификацијата на сите фактори кои водат кон радикализација и имаат така да кажам терористички потенцијал, како и нивен мултидисциплинарен и интегриран третман; потоа, водење политика на проактивно превентивно делување, наспроти репресивните мерки, со остварување баланс помеѓу ефикасната заштита од современите ризици и опасности и заштитата на веќе стекнатите слободи и права на граѓаните; трето, постојано развивање и надградба на нормативната и институционална инфраструктура на државата, согласно растечките закани од тероризам и неговите современи појавни облици; примена на комплексни едукативни, социјални и безбедносни мерки и активности од страна на сите општествени чинители (државни и невладини); конкретни проекти за дерадикализација на веќе радикализираните поединци и рехабилитација, односно ресоцијализација на поранешните терористи.
Почитувани,
Би сакал да предочам дека онаму каде што имаме најмалку успех е всушност – нашата реакција на идеолошкиот предизвик на тероризмот и заканата од оние кои го промовираат. Притоа, мора да бидеме јасни: проблемот е идеологијата на екстремизмот и тероризмот, а не легитимното религиозно верување.
Би сакал исто така да потенцирам дека не смееме да дозволиме екстремистички организации да се спротиставуваат на нашите вредности за универзални човекови права, еднаквоста пред законот, демократијата и целосното учество во нашето општество.
На крајот, дозволете ми, наместо заклучок, да изразам надеж дека овој значаен собир и втора меѓународна Конференција во организација на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје ќе послужи како одлична платформа за размена на искуства и научни истражувања во областите на насилен екстремизам и радикализација кои водат кон тероризам. Исто така, се надевам дека свесноста за опасноста од ова големо општествено зло е веќе комплетно изградена во сите сфери на општественото живеење и дека сите ние, заеднички ќе придонесеме кон зголемена ефикасност во борбата и спречувањето на насилениот екстремизам и радикализацијата.