Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска одржа работна средба со претседателот на Здружението на новинари на Македонија Насер Селмани. Министерот Спасовски и г-дин Селмани се согласија дека медиумите се меѓу најважните столбови на едно демократско општество и затоа мора да се преземат мерки за зголемување на безбедноста на медиумските работници.
Соговорниците разговараа за проблемот со 53 нерешени случаи на насилство врз новинарите. Министерот Спасовски го информира г-дин Селмани дека Министертвото за внатрешни работи, изработи анализа со цел прецизно да се утврди на кое ниво се истрагите за овие случаи. Особено заради фактот што во зависност од лицето кое било нападнато, има очигледна разлика во обемот на оперативните истражни дејствија од страна на службите во министерството. Најголем проблем претставува тоа што во одредени предмети се пропуштени дејствија и постапки кои требало да бидат преземени во кратки временски интервали за да се добијат валидни резултати. Но, како што објасни министерот Спасовски, сега оперативните истражни дејствија во МВР се интензивирани и во наредниот период ќе бидат презентирани конкретните резултати.
Г-динот Селмани истакна дека медиумските претставници во неколку случаи имале проблеми и со полициските службеници, па со цел да се избегнат вакви проблеми во иднина ќе бидат преземени соодветни активности. Министерот Спасовски и г-дин Селмани се договорија да се воспостави поинтензивна комуникација меѓу МВР и ЗНМ, за да може полесно да се решаваат евентуалните проблеми во иднина.