ФОКУС: По промената на власта, јавноста имаше можност да слушне како во повеќето министерства на државна сметка функционерите се гоштевале со храна, која не може да се замисли на трпезата на обичните граѓани. Дали и во МВР, на државна сметка се јадело гулаш од срна, шкампи, лигњи?
СПАСОВСКИ: Во ситуација кога политичарите ја потценуваат или ја сметаат државата како приватна сопственост, или, како што велиме, како акционерско друштво, и ова воопшто не го кажувам со цинизам туку напротив како реалност во Република Македонија, тогаш апсолутно не е за изненадување она што се случувало да имаме сериозно расипништво во делот на практицирањето на власта и конформизам што се плаќа со парите на граѓаните. И во таа смисла не е заобиколено ниту МВР. Не е тајна, а особено не е за вработените во македонската полиција, како и оние кои одблизу го следеле МВР, или како што некој го прекрсти во МВРО, дека имало луксузирање. Имало злоупотреба, чиј реален опсег е во фаза на детална анализа, која ја правиме внатре во МВР, меѓутоа, еве, како првична слика ќе кажам дека во услови кога македонските полицајци јадат виршли и паштети, тогашното раководство на МВР јадело шкампи и срнечко, платено со државни пари.
ФОКУС: Дали можете да ѝ предочите на јавноста на што точно се трошеле буџетските пари?
СПАСОВСКИ: Според евиденцијата за направени трошоци, за ручеците и вечерите на поранешниот директор на УБК и поранешниот директор на БЈБ за само една година, во 2011 се потрошени повеќе од 23 милиони денари или 380 илјади евра. Но, неконтролираното луксузирање не е само во таа година. Во 2014 година, во јули, во еден ден поранешниот директор на УБК потрошил околу 1.000 евра во еден познат скопски ресторан. Тоа е болна реалност што не може да го остави рамнодушен ниеден граѓанин, а посебно вработените во МВР.
ФОКУС: Во каква состојба ја затекнавте касата на Министерството.Според ова што го кажавте, претпоставуваме дека не се работело домаќински?
СПАСОВСКИ: По мои критериуми се работело расипнички. И еве зошто: за една вечерна седенка во омиленото кафуле во Скопје, повеќепати во континуитет се плаќале од страна на директорот сметки речиси двојно поголеми од просечната плата во Македонија. Замислете, за неколку часа, само за неколку пијалаци се трошело над 500 евра. Ваквите чести седенки на Мијалков во ова омилено кафуле, на сметка на Министерството чинеле и десетици илјади евра. Не се штедело и на ручеци, па раководството се гоштевало со шкампи, јастози, ексклузивни и ретки вина. Ова било вообичаеното секојдневно мени на поранешното раководство на МВР.
А, од друга страна, никој не водел сметка за условите за работа на полицајците, средствата за работа кои им биле исклучително важни за нормално функционирање. Ако ова Министерство е еден од столбовите на безбедноста во државата, и ако полицајците се човечкиот фактор преку кој ја градите таа безбедност, како може да си дозволите со години да се расфрлате со пари како да сте Рокфелер, а на полицајците цела деценија да не им набавите нови униформи, панцири, компјутери и други средства кои што им се неопходни. Денес, финансиската состојба на министерството е лоша. Меѓутоа, деталната анализа на финансиската состојба, која што ќе ја споделиме со јавноста, ќе покаже за тоа колку навистина финансиски средства се потрошени и тоа предвреме, за што ќе мораме сигурно да плаќаме во неколку наредни години.
ФУНКЦИОНЕРИ ВО МВР СО СЛУЖБЕНИ ВОЗИЛА ОДЕЛЕ НА ОДМОР
ФОКУС: Дали утврдивте злоупотреба на службените возила, односно дали биле користени и за приватни потреби?
СПАСОВСКИ: Буквално нема сегмент во работењето на МВР каде што немало злоупотреба. И тоа не само за лични, туку и за партиски цели. Таква е и судбината на возниот парк. Ги користеле возилата за приватни потреби, за партиски потреби, се превезувале дури и гласачи, според сведочењето на луѓе од министерството. Значи, сето она што е одлика на една расипничка власт, која заради сопствен комодитет, за задоволување на сопствените лични и партиски интереси, го злопупотребувала овој државен орган. И неслучајно јас говорам за таа криминализација на министерството, колку и тоа да звучи лошо.
Вработените на бензинската пумпа на МВР сведочат дека голем дел од вработените, за кои се знаело дека имаат партиско функција и добиваат партиски задачи, го полнеле резервоарот во петок попладне, и доаѓале во понеделник наутро со празен резервоар, за повторно да го наполнат. Прашањето е што и кои задачи ги извршувале во текот на викендот?
Исто така, се случувало многу често функционери, високи носители на позиции во министерството, да заминат на годишен одмор, да бидат на боледување, без да ја остават, односно да ја раздолжат колата. Дури и по децидно добиените наредби се случувало да не ги вратат возилата, се со цел да си ги задоволат своите лични потреби, без оглед на состојбите, без оглед дали треба да се има барем малку морал, етика во работењето, барем малку да имате срам од оние кои што се ваши потчинети. Тоа е клучната работа, така што, реалност беше дека во МВР се врши и злоупотреба на возилата.
ФОКУС: Веќе направивте и одредени кадровски промени во врвот на министерството. На кој начин беа избрани новите директори на УБК и БЈБ?
СПАСОВСКИ: Прво, ако ме прашувате за правната процедура, тие се поставени врз основа на Законот за внатрешни работи каде што министерот дава предлог до Владата за поставувањето на директорот на БЈБ и УБК. Ако ме прашувате како дојдов до тие предлози, сакам да ги споделам со јавноста основните критериуми од кои што се водев при изборот. Пред сѐ, нивното долгогодишно работно искуство во МВР, безбедносните служби, нивната професионалност, нивната кариера во МВР и пред сѐ да бидат личности кои се реализирани и докажани во областа што треба да ја работат. Директорот на Бирото за јавна безбедност Лазе Велковски има работен стаж од 26 години, дипломиран криминалист кој работел исклучиво во МВР и еден мал период во Агенцијата за разузнавање, повторно во безбедносните служби. Ги поминал сите скали на напредување во кариерата во министерството и како исклучителен професионалец беше мојот избор да биде директор на БЈБ.
ФОКУС: А кој е Горан Николовски, наследникот на Сашо Мијалков?
СПАСОВСКИ: Истото важи и за директорот на УБК, Горан Николовски, кој од 1992 година е вработен во МВР, поточно во УБК. Целиот свој работен век и кариера ја гради во УБК, човек кој има висок углед и меѓу вработените и партнерите на службите. Значи, една комплетна личност која навистина може да се фати во костец со сите предизвици. Тоа беа клучните работи, да посочиме внимание на професионалноста, да се луѓе кои ја знаат работата и кои ја граделе сопствената кариера во министерството. Ако ги погледнете нивни биографии, освен работа во МВР, не можете да најдете ниту еден ден работно искуство во некоја приватна фирма, бизнис или политичка партија. Тоа за мене беше многу значајно, да се луѓе професионалци, да се луѓе кои што ќе можат да одработат во интерес на граѓаните, бидејќи МВР е во период на сериозни реформи, клучни реформи. Имаме пред нас предизвик кој ќе мораме сите да го прифатиме и да реализираме реформа и на полицијата и на безбедносните служби, бидејќи се исклучително чувствителни, важни овие реформи, и тие мора да ги спроведуваат професионалци.
Тоа е начинот на кои што се избрани директорите но и критериум како ќе бидат назначувани и другите раководители во МВР, пред се луѓе што не можат да бидат под политички притисок, ниту пак под притисок на криминалното подземје, туку апсолутно да направиме раководна структура во министерството која ќе спроведе реформи во интерес на граѓаните.
ФОКУС: Една од клучните реформи ја ветивте во УБК. За што точно станува збор?
СПАСОВСКИ: Кога говориме за клучните реформи, една од најголемите, најсуштинските реформи треба да биде реформата на УБК. Зошто е тоа така? Ако направите анализа на единаесетгодишното владеење на сегашната опозиција, на ВМРО-ДПМНЕ, ќе видите дека УБК била главната алатка за спроведување на сите криминални активности, креирани и контролирани од Никола Груевски и Сашо Мијалков.
Масовната злоупотреба на системот за масовно прислушување укажува на тоа дека во желбата да останат на власт и противправно да се збогатат ги користеле сите можни механизми и во тој дел биле безмилосни. И токму затоа УБК беше изворот на политичката криза во државата и затоа и таму ќе биде почетокот на реформите. Во текот на јули во Македонија ќе престојува Рајхард Прибе, и тимот на високи експерти, со кои ќе имаме заеднички средби. Во 2015 година тие ги објавија своите препораки во кои што укажаа што треба да се направи. Кажаа колку е значајна итноста на реформите на системот на следењето на комуникациите и затоа во текот на месецот ќе го отвориме тој процес, инклузивен процес, во кој што сакаме да ги вклучиме сите политички субјекти, невладини организации, научната и стручната јавност, и на крајот да го одбереме моделот по кој што ќе го поставиме системот на следењето на комуникациите. И пред се, изборот ќе падне на најдобрата европска пракса.
ФОКУС: Како граѓаните да бидат сигурни дека нема да им се случи ново масовно прислушување?
СПАСОВСКИ: Експертите со кои што разговарам на оваа тема, многу често и искрено ми велат дека нема совршена заштита од злоупотребата на системот, без оглед колку тоа совршено е осмислено. Можеби сум оптимист, но јас лично велам дека има силно оружје против злоупотребата, а тоа е политичката волја. Овојпат политичката волја да не се дозволи злоупотреба е многу поголема и реална и не е само декларативна. И оваа влада сака да биде контролирана и корегирана, за да имаме резултати што би биле за доброто и во интерес на граѓаните. И затоа мораме да одбереме модел кој ќе гарантира контрола над работењето на службите. Таа контрола мора да биде независна, транспарентна, непристрасна. Ваквата контрола водена по принципите на заштита на основните човекови слободи и права, но и почитувањето на безбедносните интереси на нашата држава ќе биде гаранција за слободна комуникација на граѓаните и за безбедна Македонија.
ФОКУС: И досега за оваа служба, барем на хартија, беше предвидена контрола, но сите знаеме дека Собраниската комисија не успеа да влезе и да изврши увид?
СПАСОВСКИ: Законската можност да се врши контрола над службите постои и во моментот, меѓутоа ако анализирате колку е таа реално остварлива и колку би била таа реална контрола на собраниските комисии во рамките на УБК, тогаш навистина сме разочарани од можностите што ги има. Така што, тие механизми мора да бидат јасно дефинирани и да пружат вистинска контрола во секој момент и сведување на најмало можно ниво на злоупотреба на системот, без разлика кој е на власт. Едноставно, мора да се постави систем во следењето на комуникациите.
ФОКУС: Во партиската програма ветивте дека ќе се посветите на целосно расчистување на кумановските настани. Но, за овој случај судскиот процес е пред самиот финиш. Како мислите тоа да го сторите?
СПАСОВСКИ: Па, не само кумановските настани, постојат многу случаи во Република Македонија кои ја брануваат јавноста. Кумановските настани беа едни од позначајните кои влијаеја сериозно врз македонското општество, се случија во многу специфичен момент. За жал, изгубивме осуммина припадници на безбедносните служби и сето тоа укажува дека мораме да имаме темелна истрага која ќе ги отвори сите можни прашања и сомнежи во однос на овие настани. Токму и поради тоа ние и во програмата рековме дека ќе треба да се направи истрага помогната од меѓународни фактори во делот на согледувањето на сите можни факти и аргументи. Се води судска постапка, јавното обвинителство води цело време и истрага, а го застапува и обвинението. Меѓутоа, истрагата мора да се прошири до таа мера за да видиме дали има злоупотреба на одредени ресурси, на политичари итн., кои биле вклучени во овие активности. Многу е важно да постои волја за да се дознае вистината. Не сакам, односно многу е лошо да се прејудицира што би открила истрагата. Граѓаните, жителите на Куманово, не очекуваат дека преку ноќ ќе се сменат тековите во истрагата, меѓутоа таа мора да биде темелна, доволно транспарентна пред граѓаните, односно реално ќе бидат прикажани фактите и сето она што ќе се утврди ќе мора да биде засновано на сериозни факти за тоа како и на кој начин е организиран целиот овој настан. Бидејќи се случи во еден специфичен момент, фрла сериозен сомнеж во однос на тоа дали можеби некој бил вклучен во организирање на настаните, ако е тоа така треба да видиме кој е, меѓутоа не би сакал да прејудицирам, едноставно мораме да навлеземе во многу сериозна истрага.
ФОКУС: За учесниците во кумановските настани МВР исплати паричен надомест, по што веднаш се раширија шпекулации дека дел од нив неоправдано добиле пари, бидејќи ниту биле во Куманово. Дали тука има простор за сомнеж?
СПАСОВСКИ: Па, една од работите беше и токму таа финансиска награда дадена во рамките на МВР. Тоа е државна тајна, прогласена од Владата. Кога говорев за злоупотреби во секој сегмент на министерството, еден сегмент е секако и овој дел. Ги имам информациите, меѓутоа со оглед на сензитивноста и класифицираноста на информацијата не можам во моментот да ја споделам со јавноста, но секако дека постојат фрапантни податоци во рамките на оваа одлука. Неверојатно голем број на луѓе кои што биле наградени, и луѓе кои најверојатно не биле ниту близу до Куманово.
ФОКУС: Бидејќи и самите се сомневате во злоупотреба, дали е можно да се симне степенот на безбедност, во случајот државна тајна, и да се покрене кривична истрага, за да се расчисти зошто и точно во чии раце и завршиле овие пари?
СПАСОВСКИ: Едно од начелата на моето работење е транспарентноста. Доколку обелоденувањето на информации и податоци не ја загрозува безбедноста на државата и сигурноста на граѓаните јас тоа ќе го направам.
ФОКУС: За овој настан кружеа и обвинувања дека полициските специјалци биле искористени како топовско месо, односно наместо ризикот и опасноста со кои се соочуваат, терористичка група, им било кажано дека ќе апсат дилери на дрога. Дали ова е вистина?
СПАСОВСКИ: Институциите ја водат постапката, истрагата која заврши со обвинителен акт е пред судот. Јас не би сакал да коментирам детали за тоа што и како се случувало, но најважен и најпоразителен факт е што осуммина полицајци се загинати и многумина други беа повредени. Самото по себе говори не само за сложеноста на оваа операција, туку говори и за фактот дека има право секој од нас да се сомнева дали таа била спроведена на вистинскиот начин.
ФОКУС: Исто така, ветивте и логистичка поддршка за отворање и водење постапки за случаите Сопот, Бродец и Монструм, како и со смртта на Никола Младенов и Мартин Нешкоски. Дали МВР во скоро време планира да отвори постапка за некој од овие случаи?
СПАСОВСКИ: Ова ветување е дел и од владината програма, односно дека навистина стоиме на располагање на јавното обвинителство за сите овие постапки кои во јавноста отвораат сомнеж да се спроведе детална истрага и да бидат расветлени на соодветен начин во кој ќе имаат доверба сите.
ФОКУС: За насилството во Собранието, досега беа изречени само неколку условни казни. Кога да се очекува целосно расчистување на случајот?
СПАСОВСКИ: Значи, 27 април е еден од поразителните денови за Македонија и настаните што се случија во Собранието покажуваат колкав е проблемот на државата, на функционирањето на системот. Истрагата што ја водеше МВР даде резултат и беа презентирани сите можни податоци на обвинителството. Добро е што истрагата продолжува да ја води Обвинителството за гонење на организиран криминал, затоа што сите аргументи и факти што беа посочени и од МВР, меѓутоа и од сите инволвирани сведоци, говорат дека не се само делата кои на почетокот беа презентирани на јавноста, туку има посериозни кривични дела што треба да бидат санкционирани, а нормално и да се осознаат мотивите и организаторите за настаните од 27 април.
На тој начин ние мораме да ги заштитиме и интересите на граѓаните, бидејќи беше нападнат највисокиот законодавен дом, беше удрено врз уставниот поредок на Република Македонија, имаше обид за убиство на пратеници. Сето тоа говори за еден смислен, организиран начин на делување. Влез во Собранието кој навистина имаше крајна цел убиство на пратеници и во тој дел ние мораме да направиме се обвинителството да се ослободи од политичките притисоци и оваа истрага да се доведе до крај.
ФОКУС: Што покажа истрагата на МВР во врска со вклученоста на дел од пратениците во организирањето на крвавиот четврток? Колку од нив се осомничени?
СПАСОВСКИ: Прво, истрагата покажа политичка мотивираност за насилство во Собранието, покажа организирано и насилно влегување, покажа координирано движење низ Собранието, и покажа смислен обид за убиство. Во сето тоа беа вклучени пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои помогнаа да ги отворат вратите, да ги насочуваат луѓето или едноставно помогнаа да се реализира сценариото и, за жал, овие пратеници се уште седат во законодавниот дом, се уште земаат плата од граѓаните на Република Македонија и тоа впрочем го покажа и најгрдото лице на ВМРО-ДПМНЕ. Тој очај што беше присутен кај нив за да останат на власт, беше посилен отколку животот на нивните колеги пратеници. Односно, се покажа на дело колку се безмилосни во заштитата на својот криминал, па дури и да помогнат да се изгубат животи на нивни колеги, со кои заедно ја делат собраниската сала.
ФОКУС: Колку вработени во МВР досега беа суспендирани поради непрофесионалното постапување за време на насилството?
СПАСОВСКИ: Досега 27 припадници на МВР се суспендирани од своите работни места, додека против 43 се водат дисциплински постапки во врска со тој настан. За конечниот епилог и на овие постапки ќе видиме по завршувањето на сите интерни истраги.
ФОКУС: Дали очекувате Митко Чавков да седне на обвинителна клупа, бидејќи министерот Агим Нухиу го посочи како еден од директните виновници на крвавиот настан?
СПАСОВСКИ: Ако обвинителството ја води истрагата непристрасно и законито и ако се има предвид дека тој беше шеф на оперативниот штаб кој имал обврска да ја координира и контролира целата оваа акција на заштита на законодавниот дом и на пратениците и ако знаеме дека изостана реакцијата на полицијата неколку часа по почетокот на самиот настан, тогаш недвосмислено Митко Чавков треба да седне на обвинителна клупа.
ФОКУС: Се зборуваше дека дел од планот било и да се убие некој од пратениците, а на една фотографија се гледаше дека еден од насилниците носи пиштол. Што утврди истрагата, колку од насилниците во Собранието влегле со пиштоли?
СПАСОВСКИ: Јас ова можам да го кажам од свој личен аспект како еден од пратениците кои беше присутен внатре и нападнат. До ден денес јас и моите колеги се прашуваме како извлековме жива глава од овој настан. Начинот на кој се однесуваа, со сигурност дека имаа оружје и насоките што им беа давани одеа во тој правец да бидат убиени дел од пратениците.
ФОКУС: Поранешното раководство на МВР и УБК не соработуваше со СЈО. Каква е вашата соработка со Специјалното јавно обвинителство?
СПАСОВСКИ: Поранешното раководство на МВР имало партиска забрана за соработка со СЈО бидејќи во спротивно ќе се однесуваа како самите да влегуваат во постапки за нивна одговорност, односно сами на себе да си судат. Затоа што поранешното раководство на МВР е носител на дел од криминалните активности и во најголемиот дел од случаите на СЈО е раководството на МВР. Меѓутоа, факт е дека сите политички субјекти во државата дадоа согласност да се формира ова обвинителство и се обврзаа да му помогнат на ова обвинителство. Јас бев министер и во таа влада за организирање избори и сега во овој момент ние сме апсолутно отворени за соработка со СЈО во било каква постапка за која што МВР може да помогне. Тоа е исто така основна задача на МВР да асистираме и да помагаме и на СЈО но и на другите обвинителства во Република Македонија.
ФОКУС: Дали ви е познато дали СЈО успеа да ги земе сите потребни документи кои ги бараа од МВР и УБК, а кои беа попречени да ги добијат од претходното раководство?
СПАСОВСКИ: Сите материјали, односно сите докази што биле побарани од СЈО, дали се докази од УБК или од МВР, се предадени на СЈО.
ФОКУС: Поранешната министерка Гордана Јанкулоска неодамна ве обвини дека сте го партизирале МВР, оценувајќи дека единствената реформа која СДСМ ја прави во оваа институција е поставување исклучиво партиски кадар. Кој е вашиот коментар?
СПАСОВСКИ: Личноста која раководеше десет години со ова министерство, Гордана Јанкулоска, која го партизираше до најситен можен детал, личноста која самата го смени името на министерството, а ние нели дознавме од проектот Вистината за Македонија, дека го нарекува МВРО, личноста која се јавуваше по структурите на министерството и им даваше наредби како да се однесуваат за изборите, личноста која говореше дека едната сала во кабинетот е штаб на ВМРО-ДПМНЕ, а во другите ги прават состаноците со меѓународниот фактор, во најмала мера треба да молчи и да биде засрамена за сите злодела што ги има направено во ова министерство. Меѓутоа, јас разбирам дека тие немаат срам и навистина тоа однесување претставува нешто сериозно дека се уште не ги разбираат сите последици што ги оставија врз Македонија.
Во тој дел сакам да кажам дека цврсто стојам зад мојот тим, зад секој професионалец во МВР и цврсто стојам на принципите на законитоста, непристрасноста и отчетноста пред граѓаните на Република Македонија во остварувањето на основните надлежности на министерството. Моја задача е како да ја вратиме довербата на граѓаните во македонската полиција, а од вработените во МВР, барам да ми помогнат да докажам дека довербата што ја имам во вистинските професионалци е оправдана.
ФОКУС: Досегашното раководство на МВР со оние вработени кои не им беа по партиски вкус се справуваше со деградирање или прераспоредување во друг град. Дали е познато колку вработени во МВР настрадале од претходната власт и колкава штета е направена во буџетот, бидејќи дел од вработените бараа обештетување на суд?
СПАСОВСКИ: Прво, колку луѓе страдале од поранешната власт или колку луѓе страдале директно од претходното раководство на МВР говори фактот што Македонија страда најмногу бидејќи била уназадена сите овие години.
Во МВР на удар биле луѓе професионалци кои не сакале да бидат слуги на режимот и да ги играат сите валкани игри во министерството. Ќе ви дадам податок, кој го докажува деградирањето, односно МВР исплатило 12,5 милиони евра во судски постапки. Тоа е огромна сума, за која сепак плаќале граѓаните на Република Македонија.
Чесни професионалци, одговорни, со завршен факултет за безбедност, криминалисти со долгогодишно искуство, биле распределувани на маргинални места, за сметка на нив луѓе кои биле со несоодветно образование, со фалсификувани дипломи што ги откривме, имале позиции на началници.Секој , ама баш секој вработен во МВР, мора да сфати дека заврши времето кога полицискиот беџ беше медал за партиска заслуга, без разлика за која партија се однесува.
ФОКУС: Колкумина вработени работеле со фалсификувани дипломи или оваа истрага сѐ уште не е завршена?
СПАСОВСКИ: Таков кадар има во МВР. Откриени се 18 вработени со фалсификувани дипломи за кои поведовме постапки на одговорност и на тие луѓе им се прекина договорот за работа. Меѓутоа, се уште водиме истрага за можни нови случаи на фалсификувани дипломи.
ФОКУС: Состојбата и условите за работа во над 30 полициски станици е повеќе од катастрофална, тргнувајќи од станицата „Беко“ во центарот на главниот град. Дали планирате реновирање на овие станици?
СПАСОВСКИ: Инфраструктурата на МВР е во ужасна состојба. Изминативе години се инвестирало во сѐ и сешто, само не во квалитетот на полициското работење. Ако ги слушаме нив ќе речат, еве, инвестиравме во возен парк, а возилата не ги користат полицајците. Ние сме сведоци низ Македонија на недостаток од возила, на неможност да се остваруваат основните функции, на сметка на користењето на возилата за некакви други цели. Луѓето смрзнуваа од студ во станиците низ Македонија. И на крајот на краиштата за која оператива ние говориме ако немаме полицајци, или ако немаме задоволни полицајци. Полициското работење е систем во кој зависат сите едни од други и ако сакаме тој систем да ни функционира тогаш ќе мораме подеднакво и да функционираат сите негови сегменти. Не може едни структури да имаат одлични услови за работа, а основниот кадар кој работи директно со граѓаните да немаат основни услови. За мене од огромна важност е да ја завршиме таа ревизија, да видиме во каква состојба е министерството, да видиме колкав е минусот на сметката и да се насочиме кон подобрување на условите за работа. Сите ресурси до крајот на годината ќе ги насочиме кон овозможување подобри услови за работа на полицајците.
Да можеме да купиме униформи, чизми, компјутери, да можеме да интервенираме таму каде што има најлоши услови за работа, но тоа мораме да го планираме и наредните години се со цел да се подобрат условите за работа на полицајците но и граѓаните да имаат пристојни услови кога ќе дојдат во оваа институција.
Разговараше: Валентина ВУРМО