04 јули 2017

Обраќање на директорот на УБК до вработените

 Почитувани колеги,

 

Припадници на УБК

 

 

Ми претставува чест и задоволство, да ви се обратам како директор на УБК, но пред сè како долгогодишен припадник и ваш колега.

Со ова мое прво обраќање би сакал да ја презентирам мисијата и визијата за УБК кои ќе нè водат на патот кон создавање нова служба согласно европските стандарди.

На оваа позиција доаѓам во време кога сликата за УБК е нарушена и перцепцијата на јавноста е негативна, а со тоа и за сите нејзини припадници. Состојба која значи перманентна критика како од јавноста, така и од меѓународната заедница. Но уверен сум дека со заеднички напори ќе успееме да ја промениме досегашната слика за УБК. Затоа сите ние, треба заедно да покажеме дека можеме  и  знаеме како УБК да ја врати почитта, професионалноста за која сите ние со децении се залагаме.

Случаите на непрофесионалност и злоупотреба треба да бидат минато, свесен сум дека пред нас е период на големи предизвици и реформи, кои најнапред ќе значат инвестиција во самите себе, а на тој начин ќе создадеме служба на здрави основи, која ќе биде подготвена да одговори на сите современи безбедносни закани и ризици создавајќи поволен амбиент за просперитет на нашата држава и нашите граѓани.

Свесен сум дека сме исправени пред сериозен и тежок предизвик, кој уверен сум дека успешно ќе го надминеме, нè очекува напорен период кој ќе бара сериозна посветеност и висок професионализам на сите припадници, период во кој нема да има простор за компромиси. Поради тоа, ја барам вашата поддршка и ве поттикнувам на професионално и тимско работење, иницијативност и креативност што е основен услов и гаранција за успех.

            Заеднички успех ќе биде создавањето на департизирана, модерна, независна, професионална, добро опремена, обучена и ефикасна Служба, во согласност со европските стандарди и под демократска контрола. Нашиот приоритет треба да биде создавање безбедна држава за нашите граѓани преку почитување на демократските вредности и човековите права, а единствено на тој начин ќе го вратиме угледот на службата како респектиран и сериозен партнер во меѓународната безбедносно разузнавачка заедница, која ќе биде достојна за почит и со која сите ќе се гордееме.

            На крај, би сакал да го истакнам и големото значење кое го придавам на комуникацијата со сите вас, на дневна основа, за што подготвен сум да ги слушнам сите ваши сугестии, забелешки, коментари, проблеми, иницијативи, мислења кои би биле во насока на подобрување на нашето работење и изнаоѓање најсоодветни заеднички решенија.

            Затоа, ве повикувам директно на овој мејл да ми се обратите секогаш кога ќе имате одредени прашања и дилеми.

 

 

            Ви благодарам

 
 

Директор на УБК

 

Горан НИКОЛОВСКИ