09 март 2017

Кривична пријава против напаѓачите на новинарите од електронскиот медиум А1-ОН.

 

Денес (08.03.) Единицата за насилен криминал при СВР Скопје до надлежното Основно јавно обвинителство поднесе кривична пријава против М.К. (37) од Скопје, поради основи на сомнение дека на 27-ми минатиот месец, заедно со уште едно засега непознато лице, во централното градско подрачје со употреба на физичка сила извршиле кривично дело “насилство“ во кое со телесни повреди се здобиле двајца новинари од електронскиот медиум А1-ОН.

Имено, кривично дело се случило околу 18,45 часот на ул. „Македонија“ поточно пред „Порта Македонија“, по завршување на протестниот марш на група граѓани под името „За заедничка Македонија“, кој настан од страна на оштетените вработени во електронскиот медиум А1-ОН, медиумски го покривале. Во моментот кога од пред Собранинието на Република Македонија, оштетените тргнале кон нивната редакција која се наоѓа во близина на плоштад „Македонија“, пред „Порта Македонија“ забележале повеќе лица како од „Порта Македонија“ фрлаат  ливчиња/флаери кои биле во форма на банкноти и на истите имало текст на македонски и албански јазик, по што одлучиле да го документираат настанот.

Во моментот кога почнале да снимаат им пришол М.К. со уште едно непознато машко лице и од нив побарале да се легитимираат, на што оштетените одбиле притоа кажувајќи им дека немаат потреба да им се легитимираат ним бидејќи тие не се службени лица. Незадоволен од реакцијата на новинарите пријавениот прво физички го нападнал А.Т. удирајќи го со боксови и клоци во пределот на главата и телото, а В.Ж. бидејки бил наведнат и ги снимал ливчињата-банкноти добил удар во задниот дел од главата, по што паднал на земја и добил уште еден удар во предел на вратот со нога, по што паднал во бесознание. А.Т. во тој момент повикал помош и во истиот момент пришле униформирани полициски службеници кои веднаш почнале да го бркаат пријавениот и другото непознато лице, кои се дале во бегство кон ГТЦ-Скопје.

Непосредно по настанот пристигнала екипа на итна медицинска помош со чие возило оштетените се пренесени во Клинички центар „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош, од каде со констатирани телесни повреди и по укажаната лекарска помош се пуштени на домашно лекување.

При превземање на мерки и активности од страна на Единицата за насилен криминал обезбедена е информација дека можен извршител на кривичното дело, односно едно од лицата кои го извршило кривичното дело е лицето М.К. По извршениот преглед на видео материјалот од безбедносните камери на ГТЦ-Скопје и извршената споредба со предходно објавена слика на интернет порталот „www.sdk.mk“, со фотографија од евиденциите на МВР на РМ, потврдено е дека се работи М.К. од Скопје, познат сторител на имотни деликти и нарушител на јавниот ред и мир.