Денеска (12.06.2025) од страна на Отсекот за превенција при СВР Велес и ПС за БПС Велес, на неколку локации во Велес, беше реализирана сообраќајна превентивно - едукативна активност под мотото „Не заборавајте сите сме пешаци, бидете одговорни во сообраќајот“, во која главен акцент беше ставен на пешаците. Тие, како активни учесници во сообраќајот исто така имаат обврска да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Во рамки на активноста на пешаците им беше потенцирано дека улицата треба да ја преминуваат единствено на обележан пешачки премин, при тоа да не користат слушалки и мобилни телефони, да бидат внимателни, особено во вечерни часови кога се движат на неосветлени локации и низа други совети.
Со почитување на препораките, пешаците ќе ја зголемат како својата, така и безбедноста на сите останати учесници во сообраќајот.
На денешните превентивни активности, беа опфатени и возачите, на кои им беше укажана потребата и обврската за почитување на сообраќајните правила, клучните фактори за безбедноста на најранливата категорија на учесници во сообраќајот-пешаците и особено повозрасните лица, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот.
Целта на овие превентивно – едукативни активности беше да се влијае на зголемување на нивото на сообраќајната култура, но и зајакнување на довербата и соработката меѓу полицијата и граѓаните.
На граѓаните им беа поделени печатени едукативни материјали со препораки за безбедно учество во сообраќајот и зголемена будност и внимателност при преминувањето на улица од страна на пешаците, изработени од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, а низ непосредната комуникација им беа давани корисни совети.