Денеска (09.06.2025) полициски службеници од ПО за БПС Кочани за учениците од одделенска настава од ОУ „Крсте Петков Мисирков“ од село Оризари, кочанско, одржаа едукативно предавање со видео презентација во врска со безбедноста на сообраќајот. Децата беа запознаени со основните сообраќајни правила и прописи важни за нивната безбедност како пешаци или велосипедисти со низа поуки како да се однесуваат во сообраќајот.
Од страна на полициските службеници на учениците им беше и практично презентирано регулирањето на сообраќајот. Исто така а во врска со безбедноста во сообраќајот и полициски службеници од ПО за БПС Берово денеска спроведоа превентивна активност под мотото – „Паркирај совесно, паркирај одговорно“. Притоа на локации на улицата „Маршал Тито“ во Берово полициските службеници во непосредна комуникација со возачите укажуваа, меѓу другото, дека неправилното паркирање е причина за голем број на сообраќајни незгоди во кои страдаат децата, пешаците и велосипедистите. Покрај ова денеска и полициски службеници од ОВР Пробиштип во атарот на село Кундино спроведоа превентивна активност под мотото – „Незаконско сечење на дрва е криминал“ и „Пламените јазици се незапирливи“. Со локалното население се разговараше за потребата од максимална совесност и грижа за шумскиот фонд, дотолку повеќе што во престојните летни периоди се наметнува потребата од уште поголема внимателност заради настанување на шумски пожари. Граѓаните беа информирани за законските одредби во поглед на бесправната сеча на дрва а беа информирани за потенцијалните ризици што можат да предизвикаат пожари. За време на превентивната активност, на граѓаните им беа поделени летоци со едукативна содржина.