Полициски службеници од ОВР Пробиштип, од ПО за БПС Делчево, како и од ПО за БПС Кочани, денеска (19.05.) под мотото „Не користи мобилен телефон додека возиш“ и „Стави појас“ реализираа едукативно-превентивни активности на повеќе локации во Пробиштип, Делчево и Кочани, а во насока на подигање на јавната свест и сообраќајна култура на учесниците во сообраќајот. Притоа, на возачите и сопатниците им се укажуваше на важноста од почитување на сообраќајните правила и прописи, а воедно беа делени и едукативни летоци со информативни содржини изработени во соработка со РСБСП.
Исто така, денеска и полициски службеници од ПС од ОН Берово во централното подрачје на Берово спроведоа превентивна активност под мотото „Обезбеди го твојот дом“, односно активност од областа на заштита од имотни деликти. Превентивната активност се реализираше преку непосредни средби со граѓаните, а главната цел на оваа кампања беше насочена кон намалувањето на бројот на имотни деликти и благовремена комуникација со полициските служби. И во рамки на оваа активност на граѓаните им беа делени едукативно-информативни летоци.