Одделението за превенција при СВР Скопје во соработка со ЈП „Национални шуми“ вчера (18.05.) спроведоа низа активности во рамки на превентивно едукативната кампања под мотото „Лето без пожари“ и „Пламените јазици се незапирливи“. Активностите беа реализирани на локации на подрачје на општината Илинден. Притоа, основна цел на превентивните активности беше зголемувањето на безбедносната култура кај граѓаните , како и зајакнување на довербата и соработката помеѓу полицијата и граѓаните. Во рамки на планираните активности, полициските службеници покрај укажувањето за потенцијалните ризици од зачестено палење на оган во шумите, или на стрништа, како и фрлање на отпушоци и други запаливи отпадоци, на граѓаните им делеа едукативни печатени материјали со информативна содржина и препораки со цел подигнување на свесноста и информирање за законската регулатива, како и санкциите од оваа област.