14 мај 2025

Превентивни активности на СВР Штип за безбедни матурски прослави и заштита од кражби

 На подрачјето под надлежност на Секторот за внатрешни работи Штип денеска  (14.05.) во повеќе населени места беа реализирани превентивни активности во рамки на кампањата на МВР – „Безбедни матурски прослави“.

Така, во центарот на Берово полициски службеници од ПС од ОН Берово, заедно со претставници на матурантите од овој град, организираа тематски разговори во насока на подигање на свеста кај матурантите за важноста од одговорно однесување за време на матурските прослави, пред се во поглед на избегнување на ризиците поврзани со злоупотреба на алкохол, дрога и учество во сообраќајот под дејство на алкохол или психоактивни супстанции. На учениците им беа поделени информативни материјали изработени од РСБСП.


И полициски службеници од ОВР Кочани во соработка со Општинскиот сојуз за безбедност на сообраќајот на патиштата денеска во СОУ „Љупчо Сантов“ во Кочани реализираа едукативни предавање за матурантите, при што преку презентација и практични примери на учениците им беше укажано за важноста од примерно прославување, а им беа предочени и законските одредби, со јасна напомена да не управуваат возила под дејство на алкохол или без положен возачки испит, со цел да се заштитат себе си како и другите учесници во сообраќајот.


Во Пробиштип, пак, полициски службеници од ОВР Пробиштип на Градскиот пазар реализираа превентивна кампања од областа на имотниот криминалитет, под мотото – „Заштити го својот дом од кражби” и „Заштити се од џебни кражби”, при што на граѓаните им беа дадени корисни совети и летоци со едукативна содржина.
Исто така и полициски службеници од ПС од ОН Свети Николе, на повеќе локации во централното градско подрачје реализираа превентивна активност од истата област - превенција од имотни деликти. Под мотото „Не оставајте вредни предмети во вашиот автомобил“,  во непосредно комуникација со граѓаните полициските службеници укажуваа да не се оставаат вредни предмети во паркираните автомобили, првенствено со цел да се превенираат можностите од тешки кражби од патнички моторни возила. Исто така, на граѓаните им беше укажано за важноста од заедничка соработка со полицијата, а воедно им беа делени и едукативни печатени материјали со информативна содржина.