На подрачјето на СВР Штип денеска (09.05) во рамки на превентивната кампања „Безбедни матурски прослави“ во повеќе градови (Штип, Виница, Делчево и Берово) беа одржани едукативни работилници со средношколците- матуранти. Притоа, полициски службеници од ПСОН Штип во средните општински училишта „Коле Нехтенин” и „Димитар Мирасчиев“ во Штип, потоа полициски службеници од ОВР Виница и ОВР Делчево во средните училишта „Ванчо Прќе“ и „Методија Митевски Брицо“, како и полициски службеници од ОВР Берово во централното градско подрачје, на матурантите им ги презентираа сите можни ризици не само по нивната безбедност, туку и по однос на прекршување на законските прописи, а во насока на одржување на матурски прослави во мирна и безбедна атмосфера.
Особено беше нагласена потребата од одговорно однесување во поглед на јавниот ред и мир, како и неконзумирањето на алкохол или други психотропни супстанци или користењето пиротехнички средства, што секако повлекува соодветни законски импликации, и може да биде закана по физичката безбедност на учениците. Во рамки на едукативните предавања, на матурантите им беа делени едукативни летоци изработени во соработка со РСБСП.
Инаку, денеска и полициски службеници од ПО за БПС Кочани спроведоа едукативно превентивна активност во централното градско подрачје од областа на безбедноста во сообраќајот, а под мотото „Не заборавај, стави појас“. При тоа во непосредна комуникација со граѓаните им беше укажано за важноста од почитувањето на одредбите од ЗБСП во поглед на задолжително користење на сигурносните појаси при возење, а воедно беа делени и едукативни летоци изработени во соработка со РСБСП.