08 мај 2025

СВР Охрид го одбележа Денот на македонската полиција и реализираше превентивни кампањи за безбедни матурски прослави

 

Вчера (07.05.2025), Отсекот за превенција при СВР Охрид, во рамки на одбележувањето на 7 Мај - Денот на македонската полиција, организираше посета на децата од предшколска возраст од детската градинка „Јасна Ристеска“ од Охрид, на Полициските станици за граничен надзор „Охридско езеро“ и за безбедност во патниот сообраќај. Притоа, на најмладите им беа објаснети задачите и работните обврски на двете полициски станици, а им беа презентирани моторните возила и пловните објекти што ги користат полициските службеници, извршувајќи редовни задачи како и дел од неопходната полициска опрема што притоа ја употребуваат. Целта на овој проект е приближување на полицијата до најмалата категорија на граѓани од најмала возраст, развивање на основни сознанија за работата на полицаецот во заштита на заедницата, развивање чувство на припадност и прифаќање на полицијата како нивен пријател, а со тоа развивање на нивната безбедносна култура.

Деновиве, полициски службеници од Отсекот за превенција и Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај при СВР Охрид ја спроведуваат превентивно-едукативната кампања „Безбедни матурски прослави“.

Притоа, тимот од полициски службеници, низ интерактивна комуникација и видео презентации, ги запознаваат охридските матурантите со потребата од безбедно прославување на матурските вечери, избегнување на користење алкохол а посебно да не се управуваат возила под дејство на алкохол, зачувување на јавниот ред и мир за време на матурските прослави, но и за одговорностите и законските последици со кои би се соочиле доколку има кршење на соодветните законски обврски и непочитување на законските правила и прописи. Полициските службеници, на сите матуранти им ја честитаа матурата и на учениците им посакаа се најдобро. Оваа превентивна активност се реализира и во Струга, Кичево и Дебар.