Денеска (08.05.), полициски службеници од Полициската станица Штип и од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Штип при СВР Штип во средното општинско училиште, гимназијата „Славчо Стојменски” со учениците од четврта година беше реализирана едукативна работилница посветена на актуелната кампања „Безбедна матурска вечер“.
Преку презентација и во непосредна комуникација матурантите беа запознаени со важноста од одговорно однесување за време на матурските прослави, беше укажано на сите можни ризици поврзани со злоупотреба на алкохол, дрога, како и учество во сообраќајот под дејство на алкохол или психоактивни супстанци. На учениците им беа поделени информативни материјали изработени од РСБСП.
И во Пробиштип, денеска, полициски службеници од Полициската станица Пробиштип во СОУ „Наум Наумовски Борче“ одржаа идентично едукативно предавање за учениците од четврта година во рамки на кампањата „Безбедни матурски прослави“ со посебен тематски осврт кон мотото - „На матурска вечер без автомобил“.
Всушност, едукативните предавања беа фокусирани на областа од сообраќајот, но и на заштитата на јавниот ред и мир. Главна цел беше да се влијае врз подигање на степенот на сообраќајната култура кај младите како учесници во сообраќајот, како и да се влијае врз градењето на примерно поведение особено во период на траење на прославите, а се со цел поголема безбедност, како на учениците така и на останатите учесници во сообраќајот и доследно почитување на Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.
Инаку во Берово, пак, полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Берово во близина на Градскиот пазар во градот реализираа превентивна активност на тема: „Пензионери, учествувајте одговорно во сообраќајот“. Во рамки на активноста, чија што целна група беа повозрасните граѓани, односно пензионерите пешаци, беа поделени низа совети и апели за внимателно учество во сообраќајот, а беа и делени едукативни летоци изработени во соработка со РСБСП.
Во Кочани, исто така, денеска беше реализирана превентивна активност од областа на сообраќајната безбедност каде што полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Кочани во централното градско подрачје под мотото „Не користи мобилен телефон додека возиш“ имаа средби со возачите. Притоа, во непосредна комуникација на возачите на моторни возила им беше укажано дека употребата на мобилен телефон додека се управува возило е ризично, опасно и спротивно на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Беше порачано дека како возачи треба да се воздржиме од користење на мобилен телефон бидејќи секој повик може да почека, а секое невнимание при пишување порака или разговор на мобилен телефон може да предизвика сообраќајна незгода..