05 мај 2025

Превентивни активности на СВР Скопје

 


Денеска (05.05.), Одделението за превенција при СВР Скопје во соработка со РСБСП и полициски службеници од Полициската станица Аеродром спроведоа превентивна активност од областа на безбедноста на сообраќајот под мотото „Сите сме пешаци“. Активноста, која што покрај превентивниот имаше и едукативен карактер, беше спроведена на булеварот „Србија“. Основна цел на проектот беше зголемување на сообраќајната култура во насока на почитување на сообраќајните правила и прописи, како и зајакнување на довербата и соработката помеѓу полицијата и граѓаните. Воедно, на возачите и на пешаците им беа делени и едукативни летоци изработени во соработка со РСБСП.
Инаку, и вчера Одделението за превенција при СВР Скопје во соработка со ЈП „Национални шуми“ и со Полициското одделение Мирковци, под мотото „Лето без пожари“ и „Пламените јазици се незапирливи“, спроведоа превентивни активности за заштита од пожари во пресрет на летната сезона.
Притоа, на подрачјето на Полициското одделение Мирковци, односно во селата Мирковци, Кучевиште и во општината Чучер Сандево, полициските службеници реализираа средби со месното население, како и со посетители на овој регион, при што во непосредна комуникација беше укажувано на неопходноста од внимателно и одговорно однесување, особено во поглед на палењето на стрништа и меѓи, фрлање на отпушоци и друг запалив отпад при излети, односно елиминирање на сите потенцијални ризици кои можат да предизвикаат шумски пожари. Воедно, на граѓаните им беа делени и едукативни летоци со корисни содржини за законските последици и за превенцијата од шумски пожари изработени во соработка со ЈП „Национални шуми“.