Денес во хотелот “Александар Палас“ во Скопје беше промовирана кампањата “Правата да се уживаат, обврските да се почитуваат“, а во рамки на проектот за “Јакнење на капацитетите на органите за спроведување на законот за соодветно постапување со задржани и осудени лица“, на која што присуствуваа министерот за внатрешни работи м-р Митко Чавков и амбасадорот на ЕУ во РМ, Аиво Орав.
“Исполнувањето на Европските стандарди во областа на правдата и внатрешните работи, почитувањето на основните права и слободи како фундаменти на секое демократско општество се постулати врз кои се темели полициското работење на кои континуирано работиме. Министерството за внатрешни работи посветува особено внимание во исполнувањето на меѓународните стандарди кои се однесуваат на почитувањето на основните човекови права и слободи“, истакна меѓу другото министерот Чавков во своето поздравно обраќање по повод промоцијата.
Целта на кампањата што инаку се реализира во рамки на ИПА програмата 2009 на ЕУ е натамошно информирање и подигање на јавната свест за правата и обврските што ги имаат граѓаните тргнувајќи од основната премиса дека граѓанинот е основниот столб на современите општества а заштитата на неговите права е обврска на сите вклучително и на полицијата. Исто така преку оваа едукативна кампања за подигнување на свесноста за заштитата на човековите права граѓаните ќе бидат запознаени и со обврските на полициските службеници.