15 април 2025

Едукативни работилници на СВР Велес за превенција од насилство во училиштата

Полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес, денеска (15.04.) со учениците од шесто до осмо одделение во ООУ „Пере Тошев“ во Росоман, реализираа едукативни работилници на темите „Насилство во училиштата“, „Сајбер булинг“, „Внимателност при користење на социјални мрежи“ и „Тикток предизвици“.

Учениците беа запознаени со различните форми на насилничко однесување, облиците и начините на манифестирање на овие девијантни појави, но и за последиците што може да се појават во различни форми.  Полициските службеници на учениците им ги појаснија и потенцираа начините и методите за  навремено превенирање и справување со овој вид на девијантно однесување помеѓу младите.
Воедно, на учениците им беше укажано за поголема внимателност при користењето на социјалните мрежи, односно неприфаќање на било какви постирани предизвици, што може да им наштетат. Целта на едукативните работилници беше да се споделат совети со учениците за тоа како да бидат побезбедни при користење на интернет просторот, но и да се подигне свеста за сериозно анализирање на содржините на кои наидуваат.