10 април 2025

Превентивни активности на СВР Скопје

Во рамки на денешните (10.04.) превентивни активности на Одделението за превенција при СВР Скопје, во соработка со полициски службеници од ПО Сарај во ООУ „Емин Дураку“ беше реализирана едукативна работилница со ученици од училишниот Клуб за превенција на темата – „Превенција од семејно насилство “. На работилницата, преку наменски презентации, учениците беа запознаени со различните форми на насилно однесување, со последиците, но и со начините и методите на справување.

Покрај ова, во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, денеска беше реализирана превентивна активност во ЈУГД „25  Мај“ – објект „Детелинка“ во населбата Маџари, а во рамки на кампањата за безбедност на децата во сообраќајот. На едукативното предавање за дечињата од четири до шест годишна возраст, од страна на полициските службеници им беа појаснети основните должности и активности на полицискиот службеник, пред се во делот на сообраќајната безбедност. На дечињата им беше поделен и пригоден едукативен материјал во насока на нивно воспитно-образовно запознавање со сообраќајот и она што значи безбедносната култура.