Одделението за превенција при СВР Скопје во соработка со РСБСП денеска (14.03.) спроведе превентивни активности од областа на сообраќајот и тоа на подрачјето на ПСОН Центар. Притоа, под мотото „Стави појас“ и „Паркирај совесно, паркирај одговорно“ полициските службеници им укажуваа на возачите за потребата од целосно почитување на сообраќајните правила и прописи, воедно делејќи информативни летоци изработени во соработка со РСБСП.
Исто така денеска, Одделението за превенција при СВР Скопје со полициски службеници од ПО Мирковци во основните општински училишта „Св.Кирил и Методиј“ (село Кучевиште) и „Александар Урдаревски“ (село Мирковци) реализираа две едукативни работилници со ученици од училишните Клубови за превенција на темите „Превенција од зависности“ и „Превенција од насилство преку социјални мрежи – сајбербулинг“.
На работилниците преку наменски презентации, учениците беа запознаени со сите важни факти околу посочените теми. Особено стана збор за начините за препознавање и превенирање на овие социо-патолошки појави.
Покрај ова, Одделението за превенција вчера во просториите на ПСОН Гази Баба реализираше превентивно едукативна активност – „Сообраќајна поука“ на лица учесници во сообраќајот кои направиле сообраќаен прекршок по член 66/5 и 63/6 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и на која присуствуваа 17 повикани лица - прекршители.