Денеска (13.03.) полициски службеници од Отсекот за превенција заедно со полициски службеници од Отсекот за компјутерски криминал при СВР Велес, во Општинското основно училиште „Тодор Јанев“ во Чашка реализираа едукативни предавања на темите „Насилство во училиштата“, „Сајбер булинг“ и „Внимателност при користење на социјални мрежи“.
На предавањата, преку наменски подготвени презентации, учениците беа запознаени со формите на насилничко однесување, начините и методите за справување со овој вид на девијантно однесување помеѓу младите, како и околу последиците од девијантното однесување. Воедно, на децата им беше укажувано на поголема внимателност при користењето на социјалните мрежи, односно неприфаќање на било какви постирани предизвици, кои може да им наштетат.
Исто така, полициски службеници од ОВР Кавадарци на подрачјето на Кавадарци и Росоман, реализираа превентивна активност во која со месното население беше разговарано за потребата од внимателност при извршување земјоделски работи, со акцент за опасностите од предизвикување пожари од палење на меѓи, стрништа со сува трева и смет на ниви.
Во рамки на превентивната активност беше посочено, дека е законски казниво палењето на нивните обработливи површини. На граѓаните им беше поделен печатен едукативен материјал, со информативна содржина за подигнување на свеста за превенција од пожари.