05 март 2025

Превентивни активности на СВР Штип за побезбеден сообраќај

Денеска (05.03.) полициски службеници од ПС за БПС Штип во централното градско подрачје во Штип, како и на локации на експресниот пат Штип-Кочани, реализираа  сообраќајна превентивна активност на тема „Не користи мобилен телефон додека возиш“ и „Стави појас“.

Од страна на полициските службеници на учесниците во сообраќајот им беше  укажувано за неопходноста од почитување на сообраќајните правила и прописи, особено за опасностите и сериозните последици што може да ги предизвика користењето на мобилниот телефон за време на возење. Исто така, полициските службеници апелираа и ја нагласуваа предноста од користење на сигурносни појаси, најпрвин заради лична безбедност и заштита на возачот и сопатниците. Воедно, беше поделен и печатен едукативен материјал, изработен во соработка со РСБСП.
Во Берово, пак, во ООУ „Дедо Иљо Малешевски“ полициски службеници од ПС од ОН Берово реализираа едукативна работилница на тема: „Безбедноста на најмалите во сообраќајот“, посветена на учениците од трето одделение. Притоа, како дополнителен мотив во интерактивната дискусија беше искористен ликовниот труд на училишната ликовна секција во рамки  на кој што учениците цртаа теми од областа на сообраќајот. Идентична активност денеска реализираа полициските службеници од ПК Пехчево при ОВР Берово, во детската градинка ОЈУДГ „7-ми Септември“ во Пехчево, каде што со децата од предучилишна возраст се разговараше на темата „Правила за малите пешаци“, при што беа опфатени сите битни односно основни информации за децата како пешаци 
Покрај ова, денеска и полициски службеници од ОВР Виница на градскиот пазар во Виница, спроведоа превентивна активност посветена на заштитата од кривични дела, измами, разбојништва и кражби. Посебен акцент беше ставен на превенцијата од џебни кражби и измами врз постарите лица и пензионери и провалните кражби во домовите. Притоа, во непосредна комуникација на граѓаните им беше укажано како да се заштитат од разбојништва, кражби, џебни и дрски кражби, а воедно и им беа поделени печатени едукативни материјали со корисни совети за превенција од таквите кривични дела.