Вчера (25.02.) во просториите на Младинскиот центар на град Гостивар претставници од СВР Тетово, од Отсекот за превенција и од ОВР Гостивар, заедно со претставници од Секторот за јавни дејности и образование при општина Гостивар, со директори, педагози и психолози од сите основни и средни училишта во Општина Гостивар, како и претставници од Советот на родители, одржаa работен состанок во врска со оперативните акции ,,Превентива“ и ,,Безбеден сообраќај“, во рамки на кој беа презентирани информации за улогата, мерките и активностите што ги презема Отсекот за превенција при СВР Тетово во текот на второто полугодие од учебната година.
Притоа беше нагласено дека во континуитет се подготвуваат проекти со едукативна содржина прилагодени на возраста на учениците, во насока на одржување на поволна безбедносна состојба и јакнење на нивната свест околу последиците по нивата безбедност, здравје и заштита од негативни девијантни- деликвентни однесувања. Особено во поглед на спречување на инволвираност во нарушувањата на јавниот ред и мир со физички напади, меѓуврсничко и сајбер насилство, како и предизвиците од социјалните мрежи, од говорот на омраза, од користењето на наркотични средства и алкохол, како и безбедноста на учениците во сообраќајот односно управување на моторни возила без да се стекнат со правото на управување.
Полициските службеници ја истакнаа потребата за формирање Совети на родители, како и подготвеноста на полицијата за активно учество и соработка при свикување на заеднички состаноци, вклучително и со претставници од ЦСР, а околу различни темите за безбедноста на учениците, се со цел градење на доверба и зацврстување на врските во триаголникот ученик-професор-родител.