Вести

30 ноември 2024

Јанев: Полицијата е партнер на граѓаните, обврска и задача е да им служи а не да владее

Безбедносните состојби се на завидно ниво, сепак и покрај тоа полицијата мора постојано да се стреми секојдневно да биде се поблиску до граѓаните преку непосредна соработка и комуникација, првенствено во интерес на поефикасно и поквалитетно остварување на своите тековни задачи и обврски во служба на безбедноста и сигурноста, како и спокојот на граѓаните, порача денеска (30.11.) директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев при неговата посета и работни средби со надлежните во Полициските станици од општа надлежност Крива Паланка и Кратово, Граничниот премин Деве Баир како и заедничкиот контактен центар со Р. Бугарија.

При посетата на овие организациони единици на македонската полиција, која веќе претставува редовна практика, директорот Јанев ја искористи и можноста не само непосредно да се информира околу состојбите, плановите, проблемите во поглед на функционирањето на полициските служби на подрачјата на Крива Паланка, Кратово и ГП Деве Баир, туку заедно со раководителите на полициските единици преку анализа и оценка на актуелниот момент да се дадат насоки и идеи за натамошно унапредување и подобрување на секојдневното полициско работење. 
Директорот Јанев и лично се увери како функционираат и службите одговорни за одржување на патиштата во зимски услови кои заедно со сообраќајната полиција имаат исто така многу важна мисија да бидат возачите и сите учесници во собраќајот безбедни и да ги намалиме материјалните штети и заштитиме човечките животи. 
Во тој контекст директорот Јанев посебно ја нагласи неопходноста од постојана меѓусебна комуникација и координација и во делот на размена на информации и во делот на конкретно полициско делување, бидејќи станува збор за региони кои што ги опфаќаат  областите од граничното работење така што активностите треба да бидаат комплетирани со сите специфики карактеристични за подрачјата. 
Исто така првиот човек на БЈБ и во оваа прилика  уште еднаш ја истакна важноста на професионалниот и личен интегритет на полицискиот службеник, да постапуваме сите ние смирено, државнички и одлучно, со стриктно почитување на законите, законските дефинирани постапки и процедури во работењето, кои се суштински предуслов во успешно справување и превенирање со сите облици на криминал и одржување на јавната безбедност.
Таквиот однос, според Јанев има своја позитивна рефлексија како врз самите резултати од работењето, така и врз имиџот на полицијата меѓу граѓаните, во самата заедница. 
Особено заради тоа што, како што потенцираше директорот Јанев во разговорите со колегите, еден од клучните мотиви за полицијата мора да биде демонстрирањето на практиката дека полицијата секогаш е рамо до рамо и партнер на сите наши граѓани чија што фундаментална мисија, обврска и задача е да им служи а не со нив да владее.