Вести

14 ноември 2024

Директорот Јанев во посета на воздухопловната и специјалната единица на словенечката полиција

 


Денеска (14.11.2024), во рамките на посетата на словенечкото министерство за внатрешни работи, македонската делегација предводена од директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев ги посети воздухопловната и специјалната единица на словенечката полиција.
Македонската делегација одблиску се запозна со капацитетот и опремата со која располагаат овие единици, нивната организација и функционалност. Исто така, се разговараше и за потпишување на меморандум за конкретна соработка помеѓу воздухопловните единици на двете министерства, со акцент на обука на наши воздухопловни инструктори и стручна помош за отварање и имплементирање на школата за пилоти во рамки на нашето МВР. Исто така, стана збор и за организирање идни заеднички оперативни вежби на двете антитерористички специјални единици.

На крајот на посетата изведени беа показни симулациски вежби на неколку разработени сценарија, со учество на хеликоптерската и специјалната единица на словенечката полиција. Македонската и словенечката полиција уште еднаш на дело ја покажаа заложбата за взаемна соработка на сите нивоа и успешно справување со предизвиците кои ги имаат двете земји и регионот во одржување на јавната безбедност и справувањето со сите видови на криминал.